Случај „Онкологија“: Обвинителката смета дека Васев грубо ги прекршил стандардите на онколошките процедури, тој не се чувствува виновен

На денешното судење за случајот познат како “Онкологија“, обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во воведниот говор најави дека пред Судот, ќе изнесе докази дека првообвинетиот Никола Васев, поранешниот директор на Клиниката за онкологија свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела, притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите.

Таа истакна дека обвинетиот извршил повеќе исти дејствија и со што грубо ги прекршил стандардите и препораките на светските и европски онколошки процедури.

„Обвинетиот без конзилијарна одлука спроведувал и одобрувал терапии со несоодветно дозирање и аплицирање, и без оценка на перформанс статусот и биохемиски параметри на пациентите. Ќе покажеме дека терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект,“ изјави Гоговска Јакимовска.

Во случајот се обвинети и тројца други онколози за несовесно лекување пациенти, меѓу кои и второобвинетата Мери Пешевска.

За неа обвинителксата посочи дека ќе докаже несовесно постапувала и во рамки на својата небрежност и постапување му дала свои лозинки за пристап до системот и на тој начин му овозможила финализирање на терапии без соодветен пристап.

„Со постапување спротивно на стручно утврдени постапки, без соодветно конзилијарно мислење… давале неподобни терапии често со несоодветна доза, кои биле не само неефектовни туку и штетни. Ќе докажеме дека не се изолирани грешки, туку образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите.

Ќе покажеме дека не го почитувале професионалните обврски, туку делувале со очигледна несвесност и неодговорност. Ваквите нивни дејствија не биле само пропуст, туку со криминални последици. Ќе бараме правдата да биде задоволна во име на законите, пациентите и хуманоста,“ порача обвинителката.

Одбраната на Васев рече дека ќе покажат дека тој професионално и законито ги извршувал своите задачи на Клиниката за онкологија.

Васев, кој пред Судот изјави дека не се чувствува виновен, посочи дека вешто лице вклучено во предметот било сменето од неговата позиција како директор во 2017 година.

„Првите шест месеци од мојот мандат не се опфатени, бидејќи наследив долг од 1,7 милиони евра, а на крајот од годината завршивме со долг од 30 илјади евра. Лицето кое ги направило тие долгови не може да биде вешто лице во мојот случај“, рече Васев.

Тој исто така нагласи дека има 35 години работно искуство, годишно лекувал околу 1.000 пациенти и е член на сите европски институции за изработка на протоколите за кои се обвинува, како и дека има повеќе од десет авторски трудови, вклучувајќи и труд објавен во Ланест за имунотерапија.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести