Во тек на минатата недела на Клиниката за неврохирургија првпат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy), информираа од Министерството за здравство.
Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа.
За да се дојде до овој резултат, како што велат од таму, претходеле подготовки со тим на експерти од Бразил, предводени од проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженерот Антонио Мартос Калво.
Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).
– Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невро-дегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатува на лекување во странство, појаснува директорот на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот, д-р Љуљзим Агаи.
Фото: МЗ