Денес, поливалентниот простор на основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопски Аеродром беше преполн со енергија, љубопитност и научна креативност. Регионалниот Саем за наука, организиран во рамки на проектот „Науката и Јас“, собра над 50 ученици-презентери од седум основни училишта (Скопје, н.Драчево, с. Отља – Липково и Кичево). Тие со голема посветеност ги споделија своите научни проекти и експерименти, додека во публиката присуствуваа над 250 основци од училиштето домаќин, но и од неколку училишта од општина Аеродром, информираат од Македонија2025.








Преку интерактивни презентации и практични експерименти, учениците ги претставија резултатите од својата работа во областа на природните науки – географија, биологија, хемија и физика – инспирирајќи ги своите врсници и поттикнувајќи љубопитност и интерес за науката.
Настанот беше дополнително збогатен со демонстрација на научни експерименти од страна на претставници на Џонсон Мети, кои го приближија светот на науката до учениците на интерактивен и инспиративен начин.
Со воведни обраќања се обратија претставници на Џонсон Мети, Македонија2025, градоначалникот на општина Аеродром и директорката на училиштето „Љубен Лапе“ од Аеродром.
Саемот за наука е дел од поширокиот проект „Науката и Јас“, кој во изминатите две години опфати над 100 помлади наставници по природни науки од различни училишта и досега вклучи околу 3.500 ученици од цела Македонија. Проектот е поддржан од Џонсон Мети програмата за поддршка на заедницата и се реализира во партнерство со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
-Менторството меѓу наставниците беше клучен сегмент на овогодишната програма – создадени се менторски парови, каде поискусни наставници ги поддржуваа своите помлади колеги во подготовката и реализацијата на наставата, како и во подготовката на учениците за научните саеми. Оваа соработка ја поттикна размената на искуства, знаења и иновативни пристапи во наставата и ја зајакна заедницата на наставници по природни науки.
Настанот уште еднаш ја истакна важноста на заедничката работа помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор за подобрување на образованието во Македонија. Заедничките вложувања во научната писменост на младите се клуч за иднината на нашето општество.
Проектот „Науката и Јас“ продолжува со нови активности и научни авантури.
Со задоволство Ве покануваме на следниот Регионален Саем за наука, кој ќе се одржи на 3. јуни 2025 година, со почеток во 12 часот, во поливалентниот простор на ООУ “Гоце Делчев” во Прилеп, велат од таму.