(Фото) Нови четири турски села се најдоа на престижната листа на најдобри туристички села на ОН за 2025 година

Нови четири села од Туркије добија свое место на листата „Најдобри туристички села 2025“ на Светската туристичка организација на Обединетите нации, со што бројот на села од земјата кои сега ја носат оваа престижна титула се искачи на вкупно девет.

Со ова, Туркије уште еднаш ја потврдува својата определба за развој на одговорен туризам насочен кон заедницата. Со епитетот најдобри села се „закитија“ Акjака, кое се наоѓа во Мугла, потоа Барбарос во Измир, Анитли во Мардин и Кале Учакиз, лоцирано во Анталија, а пресудни критериуми беа нивната хармонија со природата, културата, како и посветеноста кон одржливиот туризам. Наградата им беше врачена на церемонијата во градот Хужоу во Кина, а заедно со петте села кои влегоа во категоријата најдобри во претходните години, и тоа Таракли, Мустафапаша, Бирги, Ширинџе и Ормана, Туркије станува сѐ попозната и по руралниот туризам.

Акjака се наоѓа северно од Мармарис, а како предности на ова место се сметаат мирот, планините, тиркизните води, шумите, како и реката Амзак, што го прават идеално за активности на отворено, меѓу кои едрење, возење велосипед, сурфање со змеј, или, пак, едноставно планинарење.

Покрај за авантуристите, селото е интересно и за вљубениците во архитектурата, со своите традиционални куќи во стилот на Ула, инспирирани од османлискиот и егејскиот стил. Културното наследство и богатата гастрономска понуда им овозможуваат на посетителите да искусат едно смирено темпо, далеку од метежот, што го прави Акјака дел од меѓународната мрежа Cittaslow, која ги промовира токму тие вредности.

Уште едно шармантно турско село кое се најде на листата е Барбарос, лоцирано во Измир, а е познато по камените куќи со традиционална архитектура, локалната кујна, љубезните жители, рачните изработки и домашните производи.

Една особина го прави селото поинакво од другите, а тоа е можноста што им ја нуди на посетителите да заѕвонат на вратите со ознака „Cat Kapi“, што значи „Чукни и влези“ и да пробаат домашни специјалитети по многу прифатливи цени. Патеката на лозјата во Урла, пак, е полна со винарници и ресторани од водичот Мишелин, а во пролет, за време на фестивалот, уличките во Барбарос се украсени со рачно изработени плашила.

Третото село, Анитли се наоѓа во областа Мидјат во Мардин, регион кој се смета за културна колепка каде што со векови заедно живеат Сиријци, муслимани, Језиди и христијани. Селото се смета за привлечно за верски туризам, а особено внимание привлекуваат утринските и вечерните служби во црквата Богородица, церемониите на секои 15 дена, како и обредите за Божиќ и Велигден.

Поширокиот регион Тур Абдин, кој во 2021 година беше вклучен на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО изобилува со цркви и манастири, а таму се одржува и Меѓународниот фестивал на култура и уметност. За посетителите, покрај богатата понуда на храна, има и друга атракција, како молзење овци или берење овошје заедно со локалните жители.

И, Кале Учакиз во Анталија, е тивко село далеку од главните патишта, со кристално чисто море и богато културно наследство. Тоа е почетна точка на познатата Ликиска патека, долга планинарска рута, од каде што лесно може да се пристапи до островот Кекова и потонатиот град Симена, кои можат да се истражуваат со чамци или кајаци.

Остатоците од античкото минато се видливи на секој чекор, а заедно со маслиновите ридови, камените куќи покриени со бугамвилеи и малото пристаниште полно со рибарски чамци, создаваат идилична атмосфера за посетителите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести