Основното јавно обвинителство поднесе обвинение и за Александар Нацев, вистинскиот сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“, која ја обезбедувала т.н. дискотека/кабаре “Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа 62, а беа повредени 203 лица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Александар Нацев, новиот обвинет за пожарот во Кочани
И тој е обвинет за сторени тешки дела против општата сигурност.
Според Обвинителството тој не постапил според прописите за заштита, што довело до пожарот.
Нацев и неговата агенција се товарат дека не презеле мерки за спречување на штетни појави и противправни дејствија, како и дека го вршеле обезбедувањето без писмен договор со т.н. дискотека/кабаре.
„Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица ’Рубикон секјурити солушн’ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување“, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека на критичната вечер тројца вработени со лиценца и еден без, го обезбедувале објектот без да направат безбедносна процена или план за евакуација, односно без да ги проверат влезовите и излезите и нивната исправност, во услови на преполнетост на капацитетот со посетители.
Од Обвинителството посочуваат дека поради нестручното обезбедување, во т.н. дискотека бил овозможен влез на малолетници и внесување на пиротехнички средства, кои биле причина за пожарот и додаваат дека доказите од истрагата покажале дека Нацев фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обезбедувачите.
По трагедијата во Кочани, тој основал нова фирма за обезбедување во Струмица, што Обвинителството го смета за обид да ја продолжи дејноста затскривајќи се зад друго одговорно лице.
Поради овие ризици, Обвинителството до судот доставил предлог за продолжување на сите мерки за претпазливост, и покрај тоа што претходно мерката притвор му беше заменета со куќен притвор и има дополнителни забрани за напуштање на живеалиштето, за комуникација со одредени лица и одземање на патна исправа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Без лиценца остана агенцијата „Рубикон“ која ја обезбедуваше дискотеката во Кочани
Фото: Игор Бансколиев