(Фото) Од локално до европско – Лидл отвора нови можности за македонското земјоделство

„Потрошувачите денес имаат поголеми барања, а ние во Лидл секогаш се трудиме да ги исполниме нивните критериуми за побезбедна, поздрава и поквалитетна храна. Преку соработката со Лидл и македонските компании добиваат можности за сертификација на своите производи со Global GAP и GRASP сертификатите, а со тоа и да ги пласираат своите производи подобро на европските пазари“ изјави Милена Драгијска-Денчева, извршен претставник на Лидл на денешниот настан организиран за развој, извоз и сертификација на локалното производство на овошје и зеленчук, што се одржа во Скопје.

Иако Лидл сè уште не ги отворил своите маркети во Северна Македонија, влијанието врз локалната економија е веќе мерливо. Само во 2024 година, повеќе од 5.500 палети сертифицирано македонско овошје и зеленчук беа извезени преку европската мрежа на Лидл. Овој извонреден резултат докажува дека македонските производители имаат капацитет да ги исполнат строгите меѓународни стандарди како Global GAP и GRASP.

Лидл Северна Македонија, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и „Макфреш“, организираа конференција за подигнување на стандардите на земјоделството преку сертификацијата со Global GAP и GRASP.

Стандардите беа презентирани од страна на експертите во областа Васил Трпевски и Зорица Смилевска, а беа присутни претставници на релевантни институции како проф. д-р Сузана Јордановска, директорка на Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ), повеќе од 100 компании и претставници од земјоделскиот сектор, со што се создаде значајна платформа за промоција на безбедноста на храната, подготвеноста за извоз и одржливите земјоделски практики.

Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, изјави дека „германската влада со децении наназад, го поддржува македонскиот земјоделско-прехранбен сектор во усогласување со Заедничката земјоделска политика на ЕУ, барањата за безбедност и квалитет на производите, како и воспоставување на пазарни врски. Веруваме дека овој сектор игра важна улога во економскиот развој на земјата, a со отворањето на ЛИДЛ, што ќе биде најголемата германска инвестиција во секторот, македонските производители добиваат директна и конкретна бизнис можност за проширување кон европскиот пазар“.

Михал Харари, заменик-шеф на мисијата во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, истакна дека„преку швајцарската програма ИМЕ, воспоставивме успешни модели и примери на локални компании кои ги подобрија своите производи, стекнаа сертификати барани од различни извозни пазари и успеаја да се интегрираат во глобалните синџири на снабдување. Партнерството со Лидл нè носи чекор понатаму, обезбедувајќи можности за повеќе компании да пристапат до синџирот и пазарите на Лидл, а со тоа да достигнат поголем обем и раст.“

Соработката на Лидл, ИМЕ и ГИЗ е изразена преку проектот „Подготвени за снабдување“ („Fit for Supply“), со кој Лидл ќе овозможи поддршка на земјоделските производи, ИМЕ ќе кофинансира до 50% од трошоците за сертификација, а ГИЗ ќе обезбеди консултантска експертиза.

Со стратешки инвестиции, меѓународна соработка и јасна посветеност кон конкретни резултати, Лидл докажува дека македонските производи припаѓаат не само на локалните полици – туку и на европските трпези.

ПР-објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести