Од минатото за сегашноста – „Нушиќ лично“ на БИТ ФЕСТ

На Малото плато пред Офицерски дом во Битола, синоќа на БИТ ФЕСТ гостуваше театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народен театар на Тимочка Краина, „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград. Текстот и режијата на претставата се на Миодраг Илиќ.

„Каде е денес Нушиќ?“ – е прашање што често го слушаме кога се соочуваме со апсурдите на времето во кое живееме. Понекогаш некој современ писател со духовити забелешки и хумористичен стил го нарекуваме „новиот Нушиќ“, но таквото споредување не опстанува во јавниот дискурс, бидејќи никој досега не успеал да го заземе местото на таков мајстор на комичната сцена каков што беше Бранислав Нушиќ“, вели Илиќ во својот осврт.

Писателот посебно ја истакнува благодарноста до актерот Милош Танасковиќ, кој храбро се зафати со градењето на ликот на веќе остарениот комедиограф, како и до актерите што ги позајмија своите гласови за имагинарните дијалози во претставата.

Целиот изведувачки тим на театарот од Заечар – дизајнерите на звук, светло, костимите и авторот на визуелното сценско решение – заслужуваат признание за инспирацијата и професионалниот придонес во севкупниот ефект.

Монодрамата која синоќа со внимание беше проследена од битолската публика на БИТ ФЕСТ е во официјалната конкуренција на Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Вечерва како дел од програмата на Битолското културно лето, на Малото плато пред Офицерски дом ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе.

Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, а за светло и тон е задолжен Иван Гичев. Улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.

Фото: Општина Битола

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести