Одморалиштето Пониква ќе се користи за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените од Кочани

Одморалиштето Пониква ќе се користи за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените од Кочани, информираше денеска портпаролката на Влада, Марија Митевска.

„Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија.

Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување,“ изјави Митевска.

Во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.

Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите.

Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба.

„Особено важно е да се нагласи дека, според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување.

Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план,“ додаде Митевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести