Македонските инвеститори покажаа силен интерес за купување на новите хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда (IPO) на Македонската берза, информираа од компанијата Свод Мастер АД Скопје (сопственик на стриминг платформата „Глеј“).
Ова е прва историска продажба на акции преку иницијална јавна понуда на која се понудени 200.000 обични акции со продажна цена од 600 денари по акција и вкупна вредност на емисијата од 120.000.000 денари.
Дарко Перушески, извршен директор и ко-основач на Свод Мастер, во интервју за еМагазин.мк вели дека ИПО примерот го одбрале како иновативен начин на дофинансирање, по примерот и на големите светски играчи, како што е Нетфликс кој над 10 години се финансирал на овој начин, но и со цел да се даде шанса и на пошироката македонската инвеститорска јавност, прв пат, да биде дел од една медиумско технолошка компанија која постојано иновира.
Компанијата Свод – Мастер, сопственик на стриминг платформата „Глеј“, емитуваше хартии од вредност (акции) по пат на иницијална јавна понуда на Македонската берза. Зошто се одлучивте за овој бизнис модел?
-После над 120.000 регистрирани корисници, позиционирање во Македонија рамо до рамо со најголемите светски платформи и регистрирано силно присуство во дијаспората, решивме дека е време за следниот чекор – докапитализација за да се забрза растот на платформата, чекор што беше предвиден уште од самото формирање на компанијата.
Во претходните повеќе од 3 години ја етаблиравме платформата, ја обединивме квалитетната македонска продукција, ја развивме технолошки со голем број апликации за мобилни телефони и паметни телевизори, воведовме реклами како дополнителен начин на монетизација и воспоставивме квалитетен однос со телеком операторите како дистрибутивни и продажни канали. Оценуваме дека се обезбедени сите предуслови за забрзан раст заснован на основните програмски столбови и затоа бараме доверба од инвеститорите со јасен план за развој.
Како иновативен начин на дофинансирање го одбравме моделот на ИПО по примерот и на големите светски играчи (пример, Нетфликс над 10 години се финансираше на овој начин), но и со цел да дадеме шанса и на пошироката македонската инвеститорска јавност, прв пат, да биде дел од една медиумско технолошка компанија која постојано иновира.
Каде ќе ги инвестирате добиените средства од успешното IPO? Кои се плановите на компанијата за да ги оправда очекувањата на берзанските инвеститори?
– Средствата добиени од продажбата на дополнителните акции примарно ќе бидат наменети за забрзана продукција на квалитетна домашна програма, како нешто што се покажа клучно за раст и развој и нешто што го нема во посакуваниот континуитет. Ќе се развијат нови сезони на познатите франшизи како Преспав, Петко, Светот на Биби, Зоки Поки, Те Дуа, жими мене, но и ќе се развијат нови содржини кои ќе бидат обележје на Глеј. Секако тука е и поголема набавка на детска и друга странска програма и развој на серверот за реклами кон се потаргетирано рекламирање и кон можностите „купи од телевизор“.
Колку и дали македонската јавност е запознаена со моделот IPO?
– Оној дел од инвеститорите кој активно тргува на странските берзи е запознаен со овој модел. За жал, тоа е помал дел од потенцијалните инвеститори. За да помогнеме во ова, на нашата корпоративна страна ставивме објаснувања и инструкции околу целиот процес. Битно е граѓаните да разберат дека: ова не е продавање на постојни акции, туку емитување на нови акции, дека постојните акционери даваме дел од сопственоста на фирмата и дека сите средства собрани од овој процес ќе бидат употребени за развој на фирмата.
На страната https://svod.mk/za-investitori/ јасно е објаснет целиот процес и има дополнителна информација за потенцијалните инвеститори како го гледаме развојот на фирмата и како ќе бидат употребени добиените средства. Има и наши проекции за тоа што може инвеститорите да очекуваат како финансиски развој, политиката на дивиденди, нашата подготвеност за транспарентно работење. На пример, прв пат ветуваме дека помалите акционери ќе може да назначат 25% од членовите на Бордот на директори и тоа веднаш по успешно ИПО.
Интересот на јавноста е голем во следење на успехот на првото (IPO), иако во текот на летото берзата е малку „пасивна“, односно не покажува сериозни берзански движења. Какви се вашите сознанија?
Ние сме задоволни од интересот на инвеститорската јавност, имајќи предвид дека ова е прво вакво ИПО кај нас, летниот период и познатиот македонски менталитет на чекање на истекот на рокот. Според нашите и информации добиени од брокерските друштва, има силен интерес кој очекуваме во следните недели да ефектуира и со засилено купување на акциите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Силен интерес за акциите на Глеј