Почина Милена, жената за која беше напишан големиот хит „Моја Милена“ од „Нови фосили“. Речиси и да нема човек од повозрасните генерации кои не го знаат овој голем југословенски хит, но помалку или повеќе е познато дека таа песна била напишана за Милена од Неготино.
Авторот на музиката Рајко Дујмиќ ја запознал на море во Херцег Нови.
„Цела ноќ седев со една Милена, моја генерација, и без прекин зборувавме до рани утрински часови. Таа беше социјална работничка во Неготино. И кажав дека ќе заврши во песна. Не ми веруваше, мислеше дека тоа и го велам на секоја девојка. И реков дека ќе се разделиме и можеби никогаш повеќе нема да се видиме, но ќе види дека никогаш не лажам,“ изјави во една прилика Дујмиќ.
Нивната средба не завршила овде, туку се сретнале на концерт во Неготино, во рамките на турнеја насловена „Милена генерацијо“. Дујмиќ со неговиот бенд, а Милена со своето семејство.
„Ми пријде редарот и ми кажа дека ме бара една жена со две деца и сопругот која тврди дека ме познава. Беше тоа мојата Милена. Кога ме виде таа почна да плаче и ми кажа дека не може да верува дека вакво нешто е возможно. Тогаш и кажав дека човек се држи за збор, а вол за рогови“, додаде Дујмиќ.
Песната „Милена“ е објавена во 1983 година, на албумот „Послије свега“, текстот е на Зринко Тутуќ, а музиката и аранжманот на Рајко Дујмиќ.
Веста за смртта на Милена ја објави нејзината внука артистката Мира Митрова.
„Во сеќавање на мојата сакана тетка, гордост на својата генерација. Рајко Дујмиќ ти посвети песна за вечноста, но ти нам ни даде спомени кои нема да избледат. Милена, секогаш ќе останеш во нашите срца и во музиката што продолжува да живее. Почивај во мир,“ напиша Митрова.

Фото: Принтскрин-видео













