Полицискиот службеник кој спречи самоубиство на девојката од Тетово ќе биде награден

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашниот настан во Тетово, каде полициски службеници спречија трагедија и спасија млад живот, денес го прими и разговараше со колегата Беким Исмани, кој со исклучителна храброст и присебност ја спречи девојката да скокне и да си го одземе животот, а притоа беше повреден од ножот кој таа го држела во раката, информираа од Министерството за внатрешни работи.

„Станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност.

Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување.“, потенцираше министерот Тошковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Полицијата спречи самоубиство на девојка во Тетово, едно лице уапсено за посредување на проституција

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести