Во јуни годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%, информираат од Народна банка.
„Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт.
Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост.
Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени.
Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката,“ велат од таму.
Фото: Unsplash