Претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски, гостува во МНТ на 1 април, и половина од картите веќе се распродадени. Гостувањето на Словенечко народно гледалпиште од Марибор, е во рамките на роденденското одбележување 81 година МНТ.
„Претставата е псевдобиографска комична драма за еден од најславните композитори на сите времиња, напишана од англискиот драматург, сценарист и романописец, добитник на многубројни престижни награди. Најпознатата драма на Шафер, „Амадеус“, првпат била изведена во 1979 година, а светска слава стекнала благодарение на истоимениот филм на Милош Форман (1984). Во своето најпознато дело, Шафер ги сумира историските околности и создава прецизни психолошки профили на протагонистите. Драмата е напишана во стилот на ретроспективна драматургија, што овозможува широки епски режисерски решенија и бројни можности за врвни актерски остварувања,“ се вели во соопштението.
„Амадеус“ се темели на митот за животот и меѓусебното ривалство на композиторите Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери. Шафер црпи инспирација од кратката драма на Александар Пушкин „Моцарт и Салиери“ од 1830 година.
Во претставата играат: Алеш Валич, Жан Копривник, Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас.
Нашиот Александар Поповски, покрај тоа што ја потпишува режијата на гостинската претстава „Амадеус“ е и уметнички директор на мариборската Драма. За Поповски, фасцинантна е врската меѓу уметноста и семоќниот создавач на световите.
„Тоа на некој начин го потврдува феноменот Моцарт, кој својата музика ја транскрибирал – без преписи, без корекции. Она што го слушнал во својата глава го преливал на хартија. Барем така го замислил Шафер генијалниот Моцарт, иако тоа не е чиста вистина, лично за мене, божественото инспирирање, кое го добива уметникот е многу значајно. И верувам во него. Во мојот живот музиката отсекогаш имала посебно место. Меѓу сите уметности, таа е несомнено највозвишена, бидејќи само преку еден сигнал, нота или тон, отвора други светови. Во музиката нотата е или точна или погрешна. Нема средина. Интересен ми е моментот во драмата кога Салиери сфаќа дека преку музиката на Моцарт го слуша Божјиот глас. Со страв сфаќа дека Бог има друг избраник и му се спротивставува“, вели Поповски.
Во креативниот тим се потпишуваат: Вања Магиќ – сценограф, Марита Ќопо и Миа Поповска – костимографи и Росана Хрибар – кореограф.














