Листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту еднаш од 2010 година и не е усогласена со европските стандарди, предупредува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот извештај за работењето на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за 2024 година.
Во Македонија оваа листата опфаќа околу 1.600 супстанции, а во Европската унија (ЕУ) таа во меѓувреме е повеќепати надградувана и содржи 1.751 забранета супстанција.
-Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанции што во ЕУ се утврдени како штетни по здравјето, а кај нас не се забранети, стои во извештајот.
Од ДЗР откриваат и сериозни недостатоци во лабораториските капацитети.
Во Македонија нема лабораторија опремена за испитување на фталати и бор во детските играчки, а Институтот за јавно здравје врши само ограничен број анализи на козметичките производи.
-Ова создава проблем и при оспорување на резултатите од инспекциски надзор, бидејќи нема втора независна лабораторија за повторно тестирање, посочуваат од таму.
Дополнително, ревизорите констатирале слабости и во инспекциските постапки – документацијата често е на странски јазици, повеќе од 90 проценти од предметите не се архивски заверени и потпишани, а во 63 проценти од запрените постапки недостасуваат докази врз основа на кои е донесена одлуката.
ДЗР нотира и сериозен недостиг од кадар во Инспекторатот. Пополнети се само 59 проценти од систематизираните работни места, а најголем дел од инспекторите се на возраст над 50 години. Во текот на 2024 година не биле одобрени нови вработувања и покрај доставените планови.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДСЗИ: Веќе постапуваме по забелешките и препораките на Ревизија













