Рокас: Локалните политики треба да создаваат подобри можности за развој на младите

Развојот на младите и нивната вклученост во локалните заедници се значајни прашања во кои Европската Унија вложува многу средства преку најразлични програми, меѓу кои е и Планот за Раст.

Ова беа дел од темите за кои што ЕУ-Амбасадорот, Михалис Рокас, разговараше со градоначалникот Марко Колев, за време на посетата на Општина Велес. Шефот на Делегацијата на Европската Унија се сретна со општинските советници, а во Јуроп хаус Велес дискутираше и со членовите на новиот Младински совет на општината.

„Локалните политики во било која земја, меѓу другото, треба да бидат инклузивни, транспарентни и ориентирани и кон младите. Младите треба да бидат во центарот на сите напори, особено на локално ниво, во нивните матични средини.

Ако се креираат соодветни можности, младите со своите силни потенцијали и енергија ќе бидат двигатели на одржливоста, иновациите и на социјалната кохезија,“ истакна Рокас на средбата со младинските советници и со младите европски амбасадори во Велес.

Во текот на дискусијата со Младинскиот совет на Велес, ова беа само дел од примерите посочени како потенцијални пристапи преку кои и локалните власти во Македонија можат да ги подобруваат условите за следните генерации. Меѓу позитивните исходи од овие политики би било останувањето на младите во своите матични средини. ЕУ обезбедува поддршка за овие активности преку низа ЕУ-програми, но и преку Планот за раст каде Македонија е првата земја од регионот на која ѝ беа префрлени средства за имплементирање на реформската агенда.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, го посети Велес во рамки на серијата активности преку кои тој остварува средби со претставници на локалната власт, со членови на граѓански организации и иницијативи, со претприемачи, како и со лица што се дел од други сегменти на локалната заедница. Со нив тој разговара за теми што најмногу ги засегаат, како и за можностите што се отвораат во текот и по завршувањето на евроинтегративниот процес. Пред Велес, Рокас вакви посети реализира и во Битола, Тетово, Куманово, Струмица и во Ресен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести