На денешното рочиште, одбраната на еден од четворицата обвинети поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, кажа дека обвинението за него се темели на нецелосни и погрешно утврдени факти.
Според неговиот адвокат Јасмин Калач, меѓу друго, Основното јавно обвинителство не обезбедило доволно докази за кривичното дело што му се става на товар на неговиот клиент, а Селами според него немал законски надлежности да постапи.
-Не постои ниту еден релевантен доказ кој го поврзува обвинетиот со кривично-правниот настан, бидејќи тој воопшто не бил на местото на настанот, ниту пак има законски надлежности врз основа на кои би требало да постапи кобната вечер, рече тој, посочувајќи дека неговиот клиент е обвинет за последици врз кои немал никаква моќ и ја посочи нелегалната пиротехника и недозволената работа како вистински причини за трагедијата.
Селами не даде воведен збор и се согласи со излагањето на неговиот адвокат.
Адвокатот на обвинетиот инспектор во ДЗС, Љупчо Грнчиштанов, Дончо Наков, меѓу друго кажа дека неговиот клиент ги презел сите мерки и активности од оперативен, нормативен, организационен, надзорен и технички карактер на кои бил обврзан со закон во рамките на неговите, а не во рамките на туѓо постапување.
Грнчиштанов не даде воведен збор и се согласи со тоа што го кажа неговиот адвокат.
Основното јавно обвинителство ги товари поранешните директори на ДЗС во периодот од 2012 до 10. март 2025 година дека, иако биле свесни за можноста од штетни последици, не презеле мерки за заштита на животите и имотот од пожари.
Според обвинението, тие не постапиле по законските обврски предвидени во член 68 и член 139 од Законот за заштита и спасување, ниту спровеле надзор врз прописите и правилниците за противпожарна заштита.
Дополнително, тие не донеле одлука за распоредување инспектор во Општина Кочани, која од 2012 година останала без инспектор.
Според Обвинителството, во годишните планови до 2020 година не било предвидено спроведување инспекциски надзор над објекти во Кочани, што според Обвинителството е клучен пропуст.
Грнчиштанов пак според Обвинителството не ја координирал работата на инспекциската служба согласно член 31 од Законот за инспекциски надзор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев













