Што предвидува Бизнис планот на Реплек за 2026

За 2026 година, Реплек АД Скопје очекува нето маргина од 15%, што претставува приближно 6 милиони евра нето добивка, стои во Бизнис планот на компанијата објавен преку Македонската берза.

-Овој резултат произлегува од зголемениот обем на извоз, модернизирани производствени процеси и засилена комерцијална активност на стратешките пазари. Во однос на 2025 година, се очекува раст на нето маргината од 14% (5 милиони евра нето добивка) на 15%, односно зголемување за 1 процентен поен.

Проекциите за финансиските резултати се подготвени врз основа на тековно достапни информации и стратешки претпоставки. Во реализацијата е можно отстапување од ±5%, зависно од пазарните услови, динамиката на набавки и продажба, информираат меѓу друго од компанијата.

Во 2026 година Реплек влегува во нов и засилен развоен циклус, поддржан од низа стратешки капитални инвестиции насочени кон долгорочно јакнење на конкурентската позиција, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување одржлив раст, велат од таму.

-Инвестициската стратегија е фокусирана на модернизација на производствената инфраструктура, проширување на капацитетите и забрзана дигитална трансформација, со цел Реплек да се позиционира како современа, технолошки напредна и регулаторно усогласена фармацевтска компанија со силно регионално и растечко глобално присуство.

Инвестициите се дизајнирани да обезбедат долгорочна вредност, не само преку зголемување на обемот на производство, туку и преку подобрување на квалитетот, флексибилноста и сигурноста на производствените и поддржувачките процеси, како и преку создавање предуслови за развој на нови производи, нови пазари и стратешки партнерства, велат од таму.

Пуштањето на нов производствен погон е клучната стратешка инвестиција на компанијата за следната година.

-Во текот на 2026 година се финализира пуштањето во употреба на новиот производствен погон за течни и полу-цврсти фармацевтски форми, кој претставува централна инвестиција во рамки на тековниот развоен циклус на Реплек.

Погонот е проектиран како современ, модуларен и целосно GMP-усогласен објект, способен да одговори на актуелните и идните регулаторни барања на ЕУ и другите регулирани пазари.

Оваа инвестиција ќе овозможи: значително зголемување на производствените капацитети; повисоко ниво на технолошка автоматизација; целосна усогласеност со најнапредните GMP стандарди, вклучувајќи подобрени контролирани услови, трасираност и интегрирани системи за мониторинг; поголема дигитална следливост на квалитетот, што е исклучително значајно за стабилно снабдување на регулирани пазари; можност за развој, трансфер и производство на нови производни технолошки формулации, вклучително и производи со повисока технолошка и формулациска комплексност.

Пуштањето во функција на овој погон ќе претставува стратешка платформа за понатамошен раст, овозможувајќи проширување на сопственото портфолио, зголемување на извозните активности и зајакнување на позицијата на Реплек како сигурен производствен партнер за меѓународни клиенти, велат од таму.

Реплек исто така продолжува со активно инвестирање во дигитални системи кои ја подобруваат брзината, сигурноста и следливоста на процесите: целосна интеграција и оптимизација на работа во SAP, кој беше имплементиран кој крајот на 2025 година, отпочнување со имплементација на LIMS за дигитална лабораториска контрола, воведување MES систем за следење и управување со производните процеси во реално време.

-Овие системи овозможуваат поголема ефикасност, побрзи одлуки и значително намалување на операционите ризици, велат од таму.

Компанијата меѓу друго планира и зајакнување на присуството на меѓународните пазари.

-Инвестициите во комерцијалните и продажни активности се насочени кон проширување на присуството на стратешки пазари, вклучувајќи: јакнење на локалните претставништва, поддршка на дистрибутерската мрежа, учество на глобални фармацевтски настани како CPHI Worldwide 2026 во Милано, кој претставува клучна платформа за нови партнерства и извозни договори.

Овие активности дополнително го поттикнуваат растот на извозниот сегмент и го зајакнуваат меѓународното позиционирање на брендот, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сава пензиски фонд купи нови акции на Реплек

Настел продолжува да продава акции во Реплек

Генералниот директор на Реплек, Душан Пецовски, купи акции на компанијата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести