Откако привремено ја напуштив Малта, со авион пристигнав на островот Сицилија во Италија. Дестинација – Катанија, бидејќи има аеродром, најголем во јужна Италија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Во Малта се е под конец
Таму стигнав некаде околу полноќ и веднаш ми беше јасно дека сум во друга земја. Незнаеш каква карта за автобус да купиш, нема никакво објаснување, шоферот нормално зборува само италијански…
Некако стигнувам до местото каде ќе престојувам две вечери, многу блиску до центарот на вториот по големина град на Сицилија. Најголем е Палермо.
Прва импресија – хорор. Неосветлени улици, многу ѓубре по нив (Скопје е ништо), мотори возат по тротоар, а јас во ниедно време барам да купам вода. Мини маркет или трафика никаде на повидок. Конечно среќа. Наоѓам вода во некоја слаткарница. И кросан со чоколадо. Го јадам истиот и „Животот е убав“. Утре е нов ден!













Експлозија од бои
Утрото ја покажува Сицилија во сите нејзини бои. Пушам пред врата од станот (внатре е забрането, секако почитувам), буквално на улица. На истата луѓе, бучно, некој пуштил гласна музика, луѓе ти се насмевнуваат и те отпоздравуваат…
Тргнувам накај центарот и бучавата станува се погласна и погласна, а Катанија ми се отвара во целата нејзина убавина. Прекрасни катедрали, паркови, продавници…
Нормално, задолжителна е посета и на пазарот, каде не Ви треба кафе за да се разбудите, ќе Ве разбудат гласните продавачи.
А таму сами можете и да си направите и прекрасен доручек или ручек. Имате се што Ви треба, од морска храна до кашкавали, сувомеснати и овошје. Цените одлични!




Не се лакомете за Аранчини
За доручек по препорака земам Аранчини, традционална улична храна на Сицилија, која е еден од заштитните знаци на островот, па го има и на магнети и во други форми како сувенир.
Е многу мало, па си мислите: „кај оваа ќе ме најаде“. Но, не се лакомете, едно е сосема доволно.

Станува збор за јадење кое е направено од оризови топчиња премачкани со презла и пропржени. Најчесто се филуваат со смеса од месо или мелено месо, полека готвено на ниска температура со доматен сос и зачини, сирење моцерела или качокавало, а често и со грашок, како и со шунка и моцерела или со бешамел сос.
Како и градот, и јадењето овде е експлозија на вкусови.
А цените исти како кај нас, а некои работи за јадење се дури и поевтини. Пица или тестенини во ресторанче можете без проблем да најдете и за 5 евра.
Кога сме кај храната на Сицилија, да кажам дека таа е многу слична на италијанската, а има и поголемо влијание од грчката, шпанската, арапската и француската кујна.
Вообичаените сицилијански предјадења вклучуваат капоната и гато ди патате (вид на пита со компири и сирење).
Маку пак е сицилијанска супа, приготвена со бакла како примарна состојка (шпагети подготвени со морски еж), паста кон ле сард (тестенини со сардини) и паста ала Норма, спецјалитет кој потекнува токму од овде. Канелоните се уште едно вообичаено јадење овде.
По тестенините, типичното сицилијанско мени вклучува второ или главно јадење – базирано на месо или на риба.
Италијанци на помош
Како што споменав пушев пред врата, која се затвори втората вечер, баш пред излегување во град. А јас на улица само по шорцеви (морав да се прилагодам на населението од остатокот од улицата, а и стварно беше топло). Телефонот, клучот и се останато внатре во станот.
Прво што ми текна е да се помолам на Богородица, која како што напишав во претходната репортажа за Малта, ме следи на некој начин по целото мое патување по Медитеранот.
Ѕвонам на соседната врата. Ми отвара Јосиф, по потекло од Нигерија. Не го знае газдата на станот каде престојувам, ниту пак има негов број. Но, ќе се обиде да помогне. Додека го чекам него, од нигде никаде пред мене се појавува чичко Алберто, комшијата од стан од другата страна. Незнае ништо англиски, но веднаш разбира што ми се случило. И јас не разбирам италијански, но сфаќам дека има број од газдата на станот и му врти. Во меѓувреме се појавува и Јосиф, кој знае англиски. И тој нашол број од газдата! За само неколку минути се појавува дечко пратен од газдата со клуч.
Време е за забава.
Dancing on the street
Нема дилема, Италијанците во комуникацијата имаат “vibe”, како што би рекле новите генераци, како ретко кој.
Само да сте расположени за муабет или дружење. Не Ви треба ни англиски!
А ноќниот живот пластично го покажува тоа. Улиците на Катанија навечер се со река од луѓе, кои играат, пејат, нешто што никогаш не сум го видел. Се чуствував како во видео за нова верзија на хитот на Дејвид Боуви и Мик Џегер, “Dancing on the street“.
Реално нема потреба да седнете некаде на пијачка, забавата Ви е на улица. А цените на пијачките како кај нас, а некои и поевтини. Просечната цена на пиво е околу 3 евра во кафуле, а во продавница и под 1,8 евра.
И цените на кафето, по кое е препознатлива Италија се ниски. Експресо само 1 евро. За разлика од кај нас Италијаните не се „лигаваат“ со кафето, туку го пијат „уз нога“. И да, доручкуваат кросан и кафе.
Продолжува…
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Плажите на Малта
Фото: еМагазин