Документарецот на режисерката Тамара Котевска, „Силијан“ е македонскиот кандидат за Оскар за најдобар странски филм, информираа од Агенцијата за филм.
Во конкуренција беа и филмовите „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на „Синема Футура“ и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, продукција на „Синепаж“.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Деветчлената комисија на ДФРМ ја сочинуваа Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.
„Силјан“ е во продукција на Котевска, на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми.
Оваа е трет документарец на Котевска. Таа веќе имаше две номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој во 2020 беше номиниран за најдобар странски и за најдобар документарен филм.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
Минатиот месец Котевска го заврши снимањето на својот прв игран филм „Човек против јато“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Светот сè уште не го видел, а Венеција веќе аплаудира: Премиера на „Сиљан“ на Тамара Котевска
Фото: Конкордија