Навистина е шокантно луѓе кои со векови се декларирале на овие простори како Македонци и во добро и во зло, сега да ја сменат определбата под притисок на економските потреби, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по средбата во Тирана со Марјана Костофски – Фелах, член на Комитетот за национални малцинства при Владата на Република Албанија, Ендрит Фатаху, потпретседател на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска Алијанса за Европска интеграција, Незир Муча, потпретседател на Македонското друштво Илинден и Славица Свидерска, професрока по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, пренесува државната агенција МИА.
„Кој би бил проблемот да го правите она што сите држави го прават во однос на националните малцинства во поглед на издавањето на државјанства, да отворите повеќе гранични премини, кој е проблемот на пасошите на кои им е истечен рокот да им го продолжите, кој е проблемот како држава да интервенирате во доделувањето пасоши на луѓе кои имаат потреба. Тоа го прават сите во нашиот регион и во светот.
Кој е проблемот да помогнете во изучувањето на македонскиот јазик, да отворите повеќе лекторати, онаму каде имате македонското малцинство да отворите уште некој Конзулат. Тоа е проблем врзан за идентитетот,“ изјави Сиљановска Давкова која што учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана.
Фото: Кабинет на претседателката