Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, архиепископот г.г Стефан, беа дел од гостите кои присуствуваа на концертот на Симон Трпчески, кој синоќа се одржа во СЦ „Борис Трајковски“.
„Величествен новогодишен концерт на Симон Трпчески, кој на уникатен и маестрален начин ѝ приреди на публиката вистинска музичка бура.
Одбележувањето на 25 години блескава кариера на нашиот музички виртуоз, амбасадор ширум светот, беше крунисано со магично музичко патување. Латино ритмите, коишто инспирирале мнозина славни музичари ширум светот, доминираа на репертоарот и ја разиграа публиката.
Универзалниот музички јазик, збогатен со македонските единствени звуци, совршено изведени од Симон и неговите неразделни соработнци во „Македонисимо“ заедно со НОБ, ни подарија незаборавна славеничка, предновогодишна ноќ.
Заедно со своите гости, од дома и од соседството, уште еднаш покажа и докажа дека уметноста е безгранична и секогаш може да го постигне тоа што политиката не може,“ се вели на официјалната фејсбук-страница на Сиљановска Давкова.






Фото/Кабинет на претседател














