Симпозиум на млади лекари во Скопје: Глобалните трендови во медицината поттикнати од вештачката интелигенција

Глобалните трансформации и трендови во медицината, поттикнати од улогата на вештачката интелигенција, како и најновите препораки за третман на болестите и идните предизвици во здравството, ќе бидат главен фокус на Симпозиумот на млади лекари што во петок и сабота (5 и 6. декември) ќе се одржува во Скопје во организација на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС Скопје).

Темата на симпозиумот е „Иднината на медицината – прозорец кон утрешнината“, а настанот ќе се одвива паралелно во повеќе сали каде што ќе има воведен дел, предавања, панел дискусии и практични работилници. Ќе присуствуваат околу 150 млади лекари од земјава и гости од странство, кои ќе ги слушнат најновите искуства, сознанија и техники од реномирани стручни лица од различни медицински области.

Во официјалната програма се вклучени на 50 лекари, предавачи, модератори и ментори од различни области од Македонија и странство. Меѓу нив се проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Миодраг Остојиќ, вон. проф. Владимир Чадиковски, проф. д-р Лидија Попоска, научниот советник Јане Талески, проф. д-р Скендер Саиди, проф. д-р Оливер Станков, проф. Един Бегиќ и многу други реномирани стручни лица од областа на хирургијата, интерната медицина, кардиологијата, урологијата, радиологијата и други специјалности.

Учесниците на симпозиумот ќе имаат можност поблиску да се запознаат и со проектот на ЗЛС, „Стоп за лоши навики“, насочен кон подигнување на свесноста за значењето на примарната превенција на незаразните заболувања како водечка причина за сериозни болести и смртност во Македонија.

Во рамки на овој проект, ЗЛС неодамна го издаде практичниот прирачник „Како до здрави навики“ на македонски, албански и англиски јазик со корисни упатства за превенција и подобрување на здравјето на граѓаните, кој ќе биде претставен пред учесниците.     

Организаторите на симпозиумот истакнуваат дека темата на годинешниот настан е поврзана со современите трендови во медицината и иднината на здравствениот систем, со посебен акцент на улогата на вештачката интелигенција, како тема која произлегува од глобалните трансформации во медицината што веќе се случуваат и кај нас.

– Вештачката интелигенција постепено ја менува дијагностиката, третманот, брзината и прецизноста на медицинската проценка и во иднина ќе ја редефинира медицината онаква каква што ја познаваме. Првите значајни примери ги гледаме во радиологијата, но трендот многу брзо се проширува во сите медицински области. Затоа е важно младите лекари да бидат подготвени за следниот чекор – да учат, да дискутираат и да се адаптираат на новото време што веќе пристигна во медицината, вели д-р Александра Георгиева, претседател на ЗЛС.

Главната цел на симпозиумот е на младите лекари да им овозможи современа образовна платформа преку која тие ќе добијат глас, ќе бидат во центарот на вниманието и ќе добијат вистинско практично знаење, не само теоретско. Организаторите ги препознаваат реалните потреби на младите лекари и според тоа ги дизајнираа работилниците кои ќе бидат дел од настанот: развивање на клиничко размислување, практични вештини, споделување искуства, работа со пациенти и градење професионална самостојност.

– Станува збор за национален медицински симпозиум кој е комбинација од научно-едукативен формат и практична обука. Насочен е кон младите лекари – специјализанти, млади специјалисти, клиничари и сите кои се во процес на професионален развој. Овој настан е посебен бидејќи е создаден од младите за младите, со цел да им овозможи поддршка таму каде што најмногу им треба, вели д-р Георгиева.

Ова ќе биде второ издание на Симпозиумот на млади лекари, откако првпат се организираше во 2023 година. Огромниот интерес за овој настан, како и позитивните искуства на учесниците од првото издание, придонесоа тој годинава да биде уште поголем и посеопфатен, поради што ќе почне да прераснува во традиција во наредниот период.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести