На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, сведочеше и Ирена Минова, мајка на загината 16-годишна Драгана Минова.
Таа на почетокот меѓу друго кажа дека ќерка и сакала да биде педијатар и дека била дете за пример. Таа лично ја однела во „Пулс“ на концертот на „ДНК“, оти ги сакала нивните песни.
Посочи и дека пред вратата на т.н. дискотека имало многу луѓе, претежно млади, а по пат накај „Пулс“ видела и малолетници.
Пред да се раздели со ќерка и, се гушнале и се договориле да и се јави подоцна за да ја земе од таму.
Во дискотеката бил и нејзиниот син Стефан, исто така малолетен, заедно со неговите другари. Тие биле избркани од полицијата која пред пожарот дошла да прави рација.
Син и се уште бил надвор откако почнал пожарот и сакал да влезе во објектот за да ја спаси сестра му. И ѕвонел и нејзе, но таа не го слушнала телефоно, па се јавил на татко му.
Заедно со сопругот, како што раскажа во нејзиното сведочење, заминале кај т.н. дискотека, каде затекнале хаос. Мислеле дека нема мртви.
-Деца лежеа на земјата, некои беа починати, некои бараа помош, лицата им беа целосно црни. Видов луѓе, повозрасни, кои пружаа помош. Ја барав мојата ќерка, ѝ ѕвонев, таа не одговараше. Знаев дека ѝ е потребна помош, викав на сиот глас, но немаше кој да ме слушне…, раскажаа таа, посочувајќи дека се помагало само на деца кои биле при свест.
-Помагаа на тие што ќе ја пружеа раката, кои беа при свест, а на оние кои беа внатре, на кои им беше потребна помош, никој не им помогна. Колку што видов, внатре влегуваше само еден од пожарникарите. Влегуваше, па излегуваше да земе воздух. Не видов друг дека помага, рече таа меѓу друго, посочувајќи дека синот на првообвинетиот сопственик на “Пулс“, Дејан Јованов Деко, Михајло Јованов, исто така еден од обвинетите, стоеле и гледале додека деца извикувале и барале помош и спас.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кај газдата на „Пулс“ најден мобилен, доби само опомена
-Тие стоеја и гледаа. Ако смеам да кажам она што го видов. Сега сите велат дека сите помагале, спасувале, да беше така, немаше да има ниедна жртва. Помагаа само оние што сега се веќе починати, бидејќи таму немаше простор да влезеш два или три пати и да излезеш жив, рече таа.
По извесно време кое го поминала во барање на ќерка и, се вратила пред влезот на т.н. дискотека, и го видела сопругот како стои до Драгана.
-За момент бев среќна, бидејќи на нејзиното тело немаше изгореници, мислев дека е само онесвестена, не дека е почината. Тој знаеше дека Драгана го загубила животот. Пробал да ѝ даде вештачко дишење, а од нејзиното тело се слушале необични звуци, немала пулс, веќе била почината. Не сакаше да ми го каже тоа, ја зеде во рацете. Ни помогна едно дете. Драгана беше тешка, не можеше да ја внесе сам. Ја одвезовме во болница, рече таа.
Таму персоналот се обидел да и помогне на ќерка и, но без успешно.
-Не бев свесна дека не е меѓу живите. Пола саат лежеше на подот, сѐ додека докторката нѐ повика двајца да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат горе на одделението, но за жал, свртеа кон мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана, мојот живот, ја изгубив засекогаш. Драгана, како и останатите деца, отидоа во диско, ги дочекавме во сандаци дома, рече таа меѓу друго, посочувајќи децата не починаа од природна смрт туку дека беа убиени, задушени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев














