Во врска со вчерашниот инцидент на натпреварот помеѓу фудбалскиот клуб (ФК) “Брегалница“ и ФК “Шкупи“ во рамки на Републичкото пионерско коло во Штип, во кој татко на фудбалер од “Шкупи“ натепа 15-годишни фудбалери на “Брегалница“, денеска се огласија од Основното јавно обвинителство Штип.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од таму велат дека таткото по итна постапка заработил кривична пријава за насилство и дека за него е побаран притвор, “имајќи го предвид видот и сериозноста на кривичното дело против јавниот ред, опасноста од бегство на осомничениот и можноста за повторување на делото’.
-Осомничениот извршил грубо насилство на 24. август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди.
Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од Обвинителството ги потврдуваат и неофицијалните информации дека пред таткото да влета на терен, неговиот син физички се обидел да нападне играч на “Брегалница“.
-Настанот се случил во 89. минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.
Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“.
Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ