На судското рочиште за „Пулс“, градежни вештаци одговараа на прашања за пренамената на објектот, дозволите за градба и обврските на инспекторите

На денешното судско рочиште за „Пулс“, тимот градежни вештаци, предводен од судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, одговараа на вкрстени прашања на одбраната, на обвинетите Гроздан Милковски – сопственик на објектот и општинските градежни инспектори Огњен Георгиев и Николчо Коцев.

На прашање кои се надлежностите и дали градежен инспектор може да дејствува и самостојно и откако објектот е ставен во функција и без пријавени реконструкции и пренамени, вештакот укажа дека Градежниот инспектор не само што има право и обврска да реагира во градба, туку и откако ќе се изгради и се врши некаква пренамена, доградба или менување”. 

„Судбината на објектите од издавање на дозвола за градба, па се до негово уривање е во надлежност на градежен инспектор, без разлика која дејност во него се врши. Надзор над спроведување на закон за урбанистичко планирање е обврска на државен градежен инспекторат во рамки на кој постојат државни урбанистички инспектори.

Нивната обврска е да ги следат постапката на изработка, донесување и спроведувањето на ДУП-от, како и на обврските на институциите. Вакви инспектори немаме во општините, меѓутоа спроведувањето на ДУП се врши со издавање поединечни одобренија за градба и доградба што ги издава општината и го потпишува градоначалникот, а контролата на нивното почитување е на надлежниот инспектор,“ рече вештакот. 

На серија прашања од одбраната за причините за пожарот и одговорноста за негово настанување и ширење, на сведочењето беше речено дека „брзото ширење на пожарот е директна последица на изборот на несоодветни материјали за градба.

„Но нашето вештачење не се занимава со причините за настанување на пожарот. Согласно закон за градење барање за пренамена треба да поднесе сопственикот на објектот,“изјави вештакот. 

Адвокатката на сопственикот на објектот, му укажа на вештакот дека во договорот за закуп има член дека потребните документи за извршување на дејност ќе ги обезбеди закупецот, но вештакот повторно укажа на Законот за градење. 

„Врз основа на тој нивен интерен договор општината не може да издаде одобрение, мора или полномошно или сопственикот лично, тоа е мое мислење,“ изјави вештакот.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс”, во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште порачаа дека „од денешното рочиште едно станува сè поочигледно: суштинските прашања како да се најтешки за поставување”.

„Наместо вкрстено испрашување со јасни, прецизни прашања што навистина ќе ги проверат или оспорат наодите на вештаците, слушаме долги серии прашања, повторување и враќање на веќе кажаното. Вкрстеното испрашување треба да служи за проверка на доказите и утврдување на фактите, а не за проверка колку долго можат судот, вештаците и родителите да издржат бесконечно повторување на прашањата без суштина,“ изјави Александар Наунов

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Судењето продолжува на 1 септември со вкрстени прашања за градежните вештаци од одбраната на остантите обвинети. 

Фото/Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести