СОС Детско Село ја започна новогодишната хуманитарна инфлуенсерска кампања „150 желби за 150 деца без родителска грижа“

Во пресрет на новогодишните празници, како дел од иницијативата #ИнфлуенсериЗаДобро, СОС Детско Село и оваа година ја започнува емотивната хуманитарна инфлуенсерска кампања „150 желби за 150 деца без родителска грижа“, информираат од таму.

Целта на кампањата е 150 инфлуенсери, јавни личности и поддржувачи да споделат новогодишна порака посветена токму на 150 деца без родители и родителска грижа, до 14 годишна возраст кои во моментов се поддржани од СОС Детско Село. Со своите пораки, тие ќе придонесат кон ширење на позитивна мисла и ќе донесат чувство на грижа, радост и надеж во празничните денови.

Црвената маичка со автентични детски цртежи е срцето на кампањата. Носејќи ја маичката и споделувајќи ја својата новогодишна желба, инфлуенсерите стануваат „1 од 150“ гласови кои ја користат својата платформа за да ја направат видлива потребата од поддршка на децата без родителска грижа и да поттикнат поширока општествена одговорност.

„Секој кој ќе ја облече маичката и ќе посака желба станува дел од заедницата која се грижи. Јавните личности имаат моќ да инспирираат, да обединуваат и да поттикнат позитивни промени особено кога нивниот глас е насочен за децата на кои им е најпотребна поддршка“, велат од СОС Детско Село.

Вистинската магија доаѓа во јануари

Кампањата ќе трае во текот на месец декември, а во јануари дел од видеата со новогодишните желби ќе им бидат прикажани на децата поддржани од СОС Детско село, со цел да почувствуваат дека зад секоја желба стои некој што се грижи.

Секој може да биде една желба. Со само еден мал гест – донација, споделување или поддршка, можеме заедно да создадеме празнична магија која ќе трае многу подолго од празниците.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести