Состојба со пожарите: 10 активни пожари меѓу кои во Јасен, Липково и Јажинце

Во текот на денешниот ден имаме 10 пожари на отворен простор. Се уште е активен пожарот во ловиштето Јасен“ а активиран е еден крак од пожарот во село Јажинце, општина Јегуновце. Два активни пожари има на територија на општина Липково, во селата Лојане и Слупчане, каде дејствуваат кумановските пожарникари. Еден активен пожар има и во општина Лозово, каде интервенираат велешките пожарникари, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Во текот на ноќта не дозволивме пожарот во „Јасен“ да премине преку еден шумски пат со што понатаму ќе беше загрозено селото Брезница од скопска страна. Благодарение на интервенцијата на припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), како и неколку пожарникари од Македонски Брод и вработените во „Јасен“, оваа линија на пожарот беше сопрена, со што воспоставивме целосна контрола на еден од трите краци на овој пожар,“изјави Ангелов од терен.

Директорот на ДСЗ Ангелов информира дека во гаснењето на вториот крак на пожарот во „Јасен“ рано утрово интервенирале припадниците на армиските специјалци „Волци“ и „Ренџери“, со два ер-трактори на ДЗС.

„Третиот крак од пожарот, во насока на езерото Козјак, претставува најголем проблем за нас и очекуваме кога ќе дојде во еден каменест предел, на еден гребен со помош на армиските специјалци да го спречиме и да го прекинеме неговото понатамошно ширење,“ појасни Ангелов кој апелираше граѓаните, земјоделците и сточарите да бидат многу внимателни во следниот период.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести