По 26 години Советот на Европа го укинува мониторингот за законодавството за човековите права во Македонија

По 26 години Советот на Европа го укинува мониторингот за законодавството за човековите права во Македонија. Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) на пленарна седница во Стразбур, Франција, предложи да се затвори постмониторинг дијалогот со земјава со усвојување на резолуција.

Истата е заснована врз извештајот на Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска.

Во неа се вели дека ПАЦЕ ги поздравува мерките што властите во Македонија ги презеле за реформа на судството и обвинителските служби, како и работата на владата на предлог-законите за Судскиот совет, Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители.

ПАЦЕ меѓу друго исто така ги повика властите во Македонија што е можно поскоро да ги усвојат овие предлог-закони, земајќи ги предвид препораките на Венецијанската комисија и да ја спроведат препораката на ГРЕКО за отстранување на министерот за правда од составот на Судскиот совет.

Со оваа завршува процесот на следење на исполнувањето на обврските преземени од Македонија како членка на Советот, според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и други конвенции склучени во рамките на организацијата на кои се обврзала земјава.

На сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која беше изгласана резолуцијата учествуваа македонските пратеници Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска- Стојчевска.

Македонија стана членка на Советот на Европа во 1995 година. До 2000 година беше под целосен мониторинг, по што започна постмониторинг дијалогот.

Фото: Иванка Василевска/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести