Во првите шест месеци од годинава Стопанска Банка АД Битола остварила добивка од 33,6 милиони денари, што главно се должи на засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година, соопшти Банката преку Македонската берза.
Нето-приходите од камата во првото полугодие на 2025 година се годишно пониски за 50 милиони денари или за 21,1% во услови на помала наплата на претходно отпишани камати, пониски приходи од редовни камати, но и пад на расходите за камати при надолна корекција на активните и пасивните каматни стапки, посочуваат од таму.
-Нето-приходите од провизии и надоместоци годишно се пониски за 24,6 милиони денари или за 42,9%, што главно се должи на намалените приходи, но и на зголемените расходи за провизии и надоместоци на добавувачите на услуги на Банката.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 8,8 милиони денари или пад за 15% споредено со истите од минатата година.
Останатите приходи од дејност годишно се пониски за 3,9 милиони денари или за 25,5%, како резултат на помалку остварени капитални добивки од продажба на преземен имот.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 6,4 милиони денари, што претставува значително подобро остварување од истиот период во 2024 година, кога беше негативна во износ од 51,3 милиони денари.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нетооснова изнесува 15,5 милиони денари и ги одразува издвоените загуби за оштетување на преземениот имот во согласност со регулативата на НБРСМ.
Трошоците за вработените бележат намалување од 9,5 милиони денари, односно за 9,9% споредено со претходната година, во услови на намален број вработени и раст на продуктивноста на вработените.
Aктивностите за оптимизирање на трошоците резултираа со годишно намалување на останатите расходи од дејноста за 6,1 милиони денари, односно 7%, додека амортизацијата не бележи значајни годишни промени во апсолутен износ, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Александра Радевска реизбрана за претседател на УО на Стопанска банка Битола
Која е Алта Гроуп која сака да ја преземе Стопанска банка Битола
Алта Гроуп од Белград сака да ја преземе Стопанска банка Битола