Германија подготвува нови правила за работа во земјата, кои ќе се одразат и на македонските граѓани.
Земјата ќе ја преполови квотата за поедноставно вработување на лица од Западен Балкан, која досега им дозволуваше на 50.000 лица годишно да добијат работни дозволи во Германија под поедноставени услови, а законски измени ќе го отежнат и патот за нелегално работење, посебно во фризерската и козметичката индустрија.
Тие пак што ќе останат без работа во Германија потешко ќе доаѓаат до брошурите со информации за социјална помош, и истите наскоро ќе се објавуваат само на германски јазик. Сега тие се печатат на арапски, бугарски, англиски, француски, персиски, романски, руски, украински и турски јазик.
Законот за борба против нелегалната работа и перењето пари, кој наскоро се очекува да биде изгласан во Бундестагот, ќе ги обврзува вработените секогаш кога се на работа да имаат документ за идентификација, за да го покажат за време на инспекциите, правило кое веќе важи во градежништвото и угостителството.
На германските компании, особено на тие од градежништвото, угостителството, логистиката и транспортот, измените не им одат во прилог затоа што им го затвора патот до обезбедување работна сила.
Германските медиуми пренесуваат дека планираното преполовување на квотата за работници може најмногу да му наштети на градежништвото, затоа што од годишни визи, дури 44% се издадени за градежниот сектор.