Вишиот суд во Белград одреди 30-дневен притвор на 13 осомничени, за несреќата која што се случи како резултат на реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад. Помеѓу нив се и поранешните министри Горан Весиќ и Томислав Момировиќ. Адвокатите на осомничените имаат право на жалба, во следните три дена.
Од Јавното обвинителство за организиран криминал (ТОК) во Србија информираа дека тие се осомничени дека со склучувањето на Анекс 1 од Трговскиот договор, Спогодбата 1 и Анексите 2, 3 и 4 од Трговскиот договор, му овозможиле на изведувачот CRIC – CCCC да им фактурира на финансиерите и инвеститорите вкупна вредност на извршената работа на проектот во износ од 1.214.100.460,43 долари, како и да изврши дополнителни работи за кои е преземена обврска за последователно плаќање при фактурирање од 64.258.060 долари.
„Со тоа, изведувачот CRIC – CCCC се стекнал со финансиска корист, во досега утврдена вредност од најмалку 18.759.287 долари, и предизвикал штета на буџетот на Република Србија во износ од 115.558.520,43 американски долари, што претставува разлика помеѓу преземените финансиски обврски за буџетот на Република Србија и договорната цена од Комерцијалниот договор“, соопшти ТОК по апсењето.
Поради рушење на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, по реконструкцијата, загинаа 16 лица.
Фото/Unsplash