(Фото) Светски баскери на македонски улици – кој сè ќе биде дел од караванот Баскерфест 2025?

Дел од најбараните артисти, најгледаните шоу-програми со највпечатливите точки од фестивалите на уличната уметност ќе бидат дел од јубилејното 15. издание на Баскерфест 2025.

Оваа селекција на уметници кои настапуваат ширум Европа и светот, од 25 август до 6. септември ќе се претстават на македонската публика, во рамки на највеселиот уличен, уметнички караван кој ќе помине низ 9 градови, а ќе настапува на 13 локации, на уличните сцени кои не познаваат граници, јазици и различности.

Низ плоштадите и улиците ќе настапуваат акробати, жонглери, улични музичари, илузионисти и кловнови, секој со своите уникатни приказни и вештини.

Публиката без здив ќе ја остави Plucie Ogniem од Полска кој доаѓа со својот огнен спектакл, точка со вештини со пламени јажиња, жонглирање и спектакуларно финале со долго и континуирано „фрлање оган од уста“, ретка техника што гарантира возбуда и фотографии што ќе се паметат.

Од Чиле пристигнува Hiram Meza, артист кој одлично ги спојува циркуските елементи, театарот и жонглирањето во енергичен и креативен настап што рефлектира долгогодишна посветеност на уличната уметност.

Комичен настап на уницикл ќе ни донесе Mr. Mostacho, кој е циркуски артист со богата историја на улични настапи, чија точка „Equilibrium“ ветува многу смеа и изненадувања.

Од Бразил, за првпат на Баскерфест, доаѓа и Edu Boneco, заедно со неговите кукли Carolina и Maria Beijoqueira, со кои настапува ширум светот. Со огромна публика на Instagram и TikTok, тој претставува нова генерација на уметници што носи неверојатно шоу и хумор за публиката.

Канадскиот балон артист Sean Rooney ќе донесе живописни бои, форми и скулптури од балони, кои живеат и се менуваат во рацете на мајстор кој цел живот му го посветил на изненадување на публиката.

Меѓу артистите на овогодишниот Баскерфест е и домашниот артист Кристијан Бенито, добро познат на македонската улична сцена кој ќе настапи со својот препознатлив стил и интеракција со публиката.

А, „The Beat Killers“ Academy од соседна Албанија, преку танц и сценски движења ќе внесат позитивна и фестивалска енергија, како и двете статуи од Србија – актери и перформери.

Фестивалот започнува на 25. август со првото шоу во скопската општина Кисела Вода, каде што и официјално ќе биде означен почетокот на Баскерфест 2025.

Во наредните денови ќе се патува низ девет градови и тринаесет локации низ Македонија, вклучувајќи ги Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Куманово, Кавадарци и Гевгелија, како и скопските општини Аеродром, Бутел, Ѓорче Петров и Гази Баба.

Секоја фестивалска вечер, под мотото „Побарај ја забавата“ – Баскерфест 2025, со гаранција ќе донесе многу емоции, смеа, изненадувања и моменти на спонтаност и интеракција меѓу уметниците и публиката кои остануваат во трајно сеќавање на сите кои ќе бидат дел од овој незаборавен уличен спектакл.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести