Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, оваа недела ќе донесе интересни содржини за битолската публика.
Денеска од 21 часот на Бит Фест, на Малото плато пред Офицерски дом гостува театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народно позориште „Тимочке Крајине“. Театарската претстава доаѓа од фестивалот „Актерот на Европа“.
Утре со почеток од 21 часот, на Малото плато пред Офицерски дом ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, светло и тон: Иван Гичев, а улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.
На 10. јули од 20 часот во изложбениот салон на Културниот центар Магаза во Битола, со поддршка од БИТ ФЕСТ ќе биде отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Битола кое повеќе од пет децении активно придонесува за развојот на ликовната сцена во градот.
На изложбата ќе бидат претставени 35 дела – слики, дигитални графики и скулптури, создадени во 2024 и 2025 година – 34 уметници од Битола и други македонски градови. Изложбата се одликува со изразена стилска разновидност и свежина, што ја рефлектира динамиката на современото ликовно творештво.
Во изложбата учествуваат: Симеон Силјановски, Роберт Михајловски, Драган Најденовски, Слободан Рајчевски, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Синиша Кашавелски, Владимир Илиевски, Владимир Младеноски, Стефан Анчевски, Маријан Котевски, Тони Попов, Татјана Манева, Филип Јовески, Бојана Артиновска, Симона Мирчевска, Дијана Колонџоска, Димитри Балојани, Мирјана Бубевска, Маја Танева, Петар Кирановски, Александар М. Поповски, Ѓорѓи Зајаковски, Душан Шешиќ, Златко Крстевски, Бојана Тошевска, Валентина Илијевска, Дејан Макаријовски, Љупка Галазка-Василев, Билјана Толевска Наумовска, Николче Српчански, Динко Ненов и Виктор Лозанов. Гостин на изложбата е Александар Сотировски.
Во петок и сабота, на 11 и 12. јули, ќе се одржи 13 издание на Фестивалот на електронска музика СМОТРА. Почетокот на програмата е во 21 часот, а првиот ден е резервиран за Стара Битолска Чаршија, додека во сабота програмските содржини ќе се реализираат во „Безистен“.
Идејата за овој фестивал датира од 2011 година, а настана како одговор на потребата за алтернативна сцена во Битола. Целта беше да се понуди поинтимна атмосфера на необични локации каде ќе се презентира поквалитетен избор на електронска музика и диџеи/презентери и каде младите ќе можат да се изразат преку било која уметничка форма.
Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, Старата Чаршија и др.) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, СМОТРА претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура.
Во изминатите 12 изданија СМОТРА константно еволуира апсорбирајќи нови содржини од современиот електронски звук и проширувајќи ги вообичаените рамки на делување според барањата и очекувањата на посетителите и развојот на современите технологии.
Работната недела во петок на 11. јули на БИТ ФЕСТ, ќе биде заокружена со вечер исполнета со смеа и добра енергија и настап на Бојан Велевски – еден од најпознатите македонски стендап комичари, кој доаѓа во Битола со нова доза хумор и животни ситуации кои сите ги препознаваме. Настанот ќе се одржи во Амфитеатарот „Тумбе кафе“, со почеток во 20:30 часот.