Томшиќ: Високото образование да се насочи кон индивидуалните потреби на секој студент

Матевж Томшиќ, e професор на Факултетот за применети општествени студии во Нова Горица, Словенија. Во разговор за еМагазин.мк вели дека овој факултет нуди иновативни студиски програми, постои флексибилност и индивидуален пристап кон секој студент. Искуството со македонските студенти е позитивно, и тие лесно се прилагодуваат на словенечките високообразовни студии.

Објаснете ни е која е дополнителната вредност доколку некој студент заврши на високообразовна установа во Словенија?

– Високото образование во Словенија е дизајнирано во согласност со таканаречениот Болоњски систем, што значи дека е споредливо со студиите во другите земји од Европската Унија. Ова овозможува студиски размени и меѓусебно признавање на завршените студиски обврски. Секако, додадената вредност од студирањето во Словенија зависи од специфичните студиски програми и институциите каде што се нудат. Во оваа смисла, тешко е да се даде општа оценка. Може да потврдам дека Факултетот за применети општествени студии нуди иновативни студиски програми на сите три нивоа на студии, кои се единствени во словенечкиот високообразовен простор и затоа претставуваат додадена вредност за студентите. Студиите во нашата институција се карактеризираат со флексибилност и индивидуален пристап, што значи дека педагошкиот процес може темелно да се посвети на секој студент.

На студиите предавате и работите со студенти од Македонија. Како тие се прилагодуваат на барањата на словенечкиот образовен систем?

– Со македонските студенти имаме навистина добро искуство. Генерално, тие немаат некои поголеми проблеми кога станува збор за прилагодување кон барањата на словенечките високообразовни студии. Нивните академски достигнувања се на соодветно високо ниво. Ова важи за сите нивоа на студии. На крај, но не и најмалку важно, пример, на последната свеченост по повод дипломирањето, имавме промоција само на двајца нови доктори на науки од Македонија.

Велите дека студентите лесно се прилагодуваат на системот на образование во Словенија. Дали тоа значи дека образовните системи на двете земји се слични или компатибилни?

– Некој степен на компатибилност на образовните системи секако постои. Сепак, прилагодливоста на поединецот – во овој случај, на студентот – во крајна линија, е индивидуална категорија. Тоа зависи од неговата мотивација да вложи соодветни напори во постигнување најдобри можни резултати во учењето и следствено на тоа, да стекне соодветни професионални компетенции. Секако, секоја образовна институција со својот наставен кадар треба да ги мотивира и студентите. Може да кажам дека досега на нашиот факултет е многу успешен во ова.

Бројот на македонски студенти во Словенија, официјално, е нешто повеќе од 1.500 студенти. Кои се причините нашите средношколци да доаѓаат кај вас?

– Да повторам, тешко е да се генерализира. Затоа што мотивите на идните студенти се различни. Исто така и привлечноста на одредени образовни установи. Кога говориме за нашиот факултет, претпоставувам, дека ги привлекуваат нашите програми, кои се интердисциплинарно засновани и покрај добрите теоретски основи, многу се ориентирани кон практичното знаење. Тоа значи дека на студентите им даваат корисни знаења и вештини.

И Македонија, но и Словенија, не успева да ги задржи младите студенти во двете земји. Тоа значи дека државите вложуваат во младите студенти, кои по студиите, заминуваат во други земји на работа и за живеење. Постои ли начин да ги задржиме во Словенија или да се вратат и продолжат да живеат во Македонија?

– Ова прашање е поголемо од самиот процес на образование. Станува збор за соодветни владини политики, политики што поттикнуваат претприемачки динамизам и следствено економски развој, што е услов за создавање квалитетни добро платени работни места. Образовните институции можат да сторат најмногу со тоа што ќе ги подготват студентите за нивниот настап на пазарот на трудот што е можно подобро, односно ќе обезбедат компетенции што се релевантни на пазарот на трудот.

Каде одат системите на високо образование во развојот на новата вештачка интелигенција и останата технологија? Дали се менува и улогата на професорот? Дали технологијата го олеснува процесот на учење?

– Вештачката технологија и другата современа технологија се факт на современиот свет на кој треба да се прилагоди и образовниот процес. И да, се менува и улогата на предавачите. Но, тоа не значи дека таа ќе стане непотребна. Мора да бидеме свесни дека вештачката интелигенција е алатка, односно помош и поддршка. Слично како некогаш кога беше калкулаторот, секако на помалку софистицирано ниво. Сепак, начинот на кој се користи е во рацете на конкретната личност. Важно е да се користи на начин што служи за решавање проблеми. А предавачот е тој што ќе ги обучи студентите во оваа смисла.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести