Традиција долга векови: Во Туркије откриен леб стар 8.600 години

Археолозите во Туркије, на локалитетот Чаталхујук во Коња кој е под заштита на УНЕСКО, открија квасен леб стар дури 8.600 години, покрај остатоци од многу оштетена печка. Тоа говори за древните корени на овој основен прехранбен производ кои датираат уште од 6.600 година п.н.е., а пронајдениот леб се смета за еден од најстарите кои се било кога откриени.

Лебот во Туркије има традиција долга илјадници години, што досега повеќе пати беше потврдено низ бројните археолошки откритија, како што се остатоци од векни или помагала и алатки за негова изработка. Неодамна беше пронајден остаток од векна за која се верува дека е најстариот квасен и печен леб во светот, стар околу 5.000 години, каде се забележани траги од видот на пченицата емер, како и од леќа.

Анализите одат во прилог на тезата дека овој леб бил печен на температура од околу 140°C, а еден дел од него намерно бил скршен и изгорен како ритуал за плодност, па закопан во просторија во задниот дел од куќата. Покрај ова, во античкиот град Топрактепе во Караман биле откриени пет јагленисани векни, од 7 или 8 век од нашата ера, за кои експертите сметаат дека можеби се работи за литургиски лебови користени во ранохристијанските обреди. Во урнатините на Харан во Шанлиурфа, пак, пронајден бил калап за леб со дезен во вид на баклава, а за него се смета дека бил направен пред околу 800 години.

Колку што е разновидна географијата на Туркије, толку е и културата на лебот. Бројните пекари и домашни мајстори со љубов подготвуваат десетици видови леб и пецива со локални состојки. Во Црноморскиот регион посетителите можат да уживаат во златно-жолт леб од пченкарно брашно, додека во источна Анадолија може да се вкуси топол танур-леб кој се комбинира со супи, или со гулаш во централна Анадолија.

Она што се служи со секој оброк во Туркије е класичниот сомун, но туристите секако дека треба да пробаат и од бројните други регионални варијации. На пример, пиде, дебел рамен леб што обично се пече во камени печки на дрва, кој може да се сретне во повеќе видови, како што се тирнак, томбак или рамазан пиде, зависно од начинот на подготовка и послужување. Овој вид леб често се дополнува со разни преливи, и тоа сирење, спанаќ, запржено месо, мелено јагнешко, и е толку популарен, што посебни пицерии за пиде можат да се најдат на секој чекор, од метрополите како Истанбул, па до малите гратчиња.

Во Анадолија жените подготвуваат и јуфка и лаваш, а правењето на овие два вида леб е нивна заедничка активност и традиција впишана и во Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО во 2016 година. Јуфката, односно тенките кори од тесто што се развлекуваат, се чуваат или за зимница, или се користат во посебни пригоди, како што се свадби. Најчесто се јаде за појадок, во комбинација со сирење. Дури и самата баклава која е национален десерт на Туркије, се прави од тенки слоеви на јуфка. Лавашот, пак, е вид на рамен леб кој најчесто се служи со сочни кебапи, донер, вегански ќофтиња и други специјалитети на скара.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести