Без духовната е неможна и националната слобода, не случајно славните илинденци својата борба за слобода ја започнале на денот посветен на Светиот пророк Илија, вели архиепископот г.г Стефан во своето Илинденско послание.
„Секое поколение има свој предизвик и своја борба. Ние, нашево поколение Македонци, треба да покажеме дека можеме и умееме да бидеме способни да изградиме напредна и праведна заедница. А за тоа е потребно да застанеме против: неодговорноста, неединството, неморалноста и нељубовта помеѓу нас. Конечно, да разбереме дека само со чесност и со слога, на национален и на духовен план, можеме да очекуваме напредок и добробит за сите.
Светиот пророк Илија во својата духовна борба против непријателите на вистината немал војска, немал институции, немал земни богатства, но го имал најважното – Го имал Бога и Неговата помош! Слично нему, и многу векови подоцна, апостолот Павле, кога во видение бил повикан да дојде во Македонија и да помогне, зад себе немал империја, немал организирана институција, но Го имал Господа Христа, Кого Го проповедал.
Затоа, возљубени, искрено да се молиме и мудро да ја чуваме придобивката од трите Илиндена, та Бог, Кој ги водел и пророкот Илија, и апостолот Павле и свети Климент Охридски и сите Негови светии, секогаш да ја закрилува нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ја благословува нашата Татковина – Македонија, но и сиот овој свет, а сите да нѐ чува од злото и да нѐ воведува во секое спасително и радосно дело,“ се вели меѓудругото во посланието.
Фото: Влада