На 4. јуни 2025 година, во Клиника Жан Митрев на свет беа донесени три предвремено родени бебиња – Мелис, Мира и Малахат, од природно зачната тројна бременост, реткост во современата медицина, информираат од таму.
Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31. гестациска недела, новороденчињата моментално се во стабилна состојба и се згрижени во Центарот за мајка и бебе под надзор на неонатолозите. Тие добиваат неинвазивна респираторна поддршка (CPAP).
Виталните параметри се стабилни и медицинските тимови внимателно ги следат со надеж за брзо заздравување и отпуштање дома.






Со ова породување и официјално започнува со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.
Првото новороденче, Мелис, тежи 1.390 грама и е долго 42 см. Второто бебе, Мира, тежи 1.270 грама и е долго 36 см. Третото предвремено родено бебе, Малахат, тежи 1.340 грама и е долго 40 см.
Бременоста се развивала природно, без медицинско потпомогнато оплодување, од три оплодени јајце-клетки. Целокупниот процес на следење, водење и породување беше изведен од мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри, со користење на најсовремена опрема и протоколи.
Пренаталната грижа започна од 11. гестациска недела и беше водена од прим. д-р Љупчо Петровски, д-р Јелена Голубовиќ Симјановски и д-р Ненад Лазаров.
За време на хоспитализацијата пациентката беше следена од д-р Владимир Кижески. Породувањето со царски рез беше извршен од тимот предводен од д-р Менду Јегени, во соработка со д-р Кижески, д-р Саша Јовчевски, д-р Голубовиќ Симјановски и анестезиолозите д-р Марко Ѓоргон и д-р Сања Маринковиќ.
Бебињата беа веднаш преземени од три педијатриски тима под водство на д-р Рената Димитроска – субспецијалист по неонатологија, заедно со педијатрите д-р Весна Деловска, д-р Маја Ангелеска Викторијоски, д-р Катерина Димовска и д-р Милена Спирковска.
„Нивното доаѓање на свет ни донесе огромна радост, но и потврда дека кога знаењето, искуството и современата технологија се здружат, можеме да ги надминеме и најголемите предизвици. Мелис, Мира и Малахат се наши мали херои,“ изјави тимот од Центарот за мајка и бебе.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености од природен пат, како оваа се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8.000 случаи.
-Ова породување претставува не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. На нивната мајка, Мубеџел Бектешова од Скопје, ѝ посакуваме брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат – живот исполнет со љубов, здравје и сила, велат од Клиниката.