Националната асоцијација на туристички агенции (НАТА) упати јавен апел до граѓаните да се воздржат од избрзани одлуки и масовни откажувања на патувањата.
Александар Чоневски, член на Управниот одбор на НАТА посочува дека некои од откажувањата одат целосно на штета на туристичките агенции кои парите веќе ги уплатиле на странските авиокомпании и немаат можност да им ги рефундираат на патниците
„Туристичките агенции како организатори на патувањата не можат самоволно да ги откажат патувањата доколку транспортот и туристичките услуги се одвиваат нормално,” изјави Чоневски.
Претседателката на НАТА, Ана Марија Алексова-Малева потенцира дека во изминатата недела околу 90 до 100 патници ги откажале аранжманите за дестинации каде нема прогласена вонредна состојба, вклучително и европски земји каде авиолиниите функционираат нормално.
Таа потсети на законската рамка: „Согласно член 9 3/3 од Законот за облигациони односи патникот има право да го раскине договорот за организирано патување во секој момент пред почетокот на патувањето, но во таков случај е должен да ги надомести реалните трошоци и отказната такса. Бесплатно раскинување на договорот без финансиски последици е можно само во случај на вонредни состојби, како што се прогласена воена состојба или сериозна криза.”
НАТА веќе побарала средба со надлежните институции. Средба со Министерството за култура и туризам засега не е одржана, но Асоцијацијата очекува институциите наскоро да се вклучат во изнаоѓање решение кое нема да биде на штета ниту на агенциите, ниту на патниците.














