Туркије бележи раст на приходите од туризам од 7,6 отсто, најбројни туристите од Русија, Германија и Велика Британија

Во првото полугодие од 2025 година, приходите од туризам во Туркије пораснале за 7,6 отсто во споредба со истиот период лани и во земјата од туризам се слеале 25,8 милијарди долари. Во овој период земјата ја посетиле речиси 26,4 милиони туристи, што е раст за еден отсто во споредба со првите шест месеци од минатата година.

Меѓународните посетители на Туркије престојувале во земјата во просек по 10 ноќевања од турист, што е минимално намалување за 0,9 отсто, но затоа сите тие потрошиле просечно по 106 долари за ноќевање по лице, што е раст за 8 отсто во однос на истиот период од 2024 година.

Според податоците на ОН за туризам за минатата година,  Туркије е четвртиот најголем пазар за дојдовен туризам во светот. На прес-конференција одржана во Истанбул, Мехмет Нури Ерсој, министерот за култура и туризам на Република Туркије, ги претстави најновите податоци за туристичката индустрија, потенцирајќи дека и покрај многуте геополитички предизвици, во првото полугодие земјата продолжила со одржлив раст во туристичката индустрија.

„Стратешкиот фокус на диверзификација на нашите дестинации, производи и извори на пазари се покажува како ефикасен. Во оваа тешка средина, продолживме да бележиме раст кај клучните показатели, особено во нашите приходи. Гледајќи напред кон следните шест месеци, уверени сме дека ќе ја исполниме нашата цел за крајот на годината, а тоа се 64 милијарди американски долари приходи од туризам“, нагласи Ерсој.

Гледано по држави од каде што доаѓаат најголемиот број туристи, трите најголеми пазари за Туркије во првата половина од годинава биле Руската Федерација, од каде земјата ја посетиле 2,61 милион туристи, потоа Германија со 2,42 милиони посетители и Велика Британија, од каде во Туркије пристигнале 1,75 милиони посетители. Она што е интресно е дека во првото полугодие земјата забележа двоцифрен раст на бројот на посетители од Америка, но и од многу од нејзините европски конкуренти, како и од земјите од Централна Азија и Азија-Пацифик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести