Уште неколку дена за пријавување: Жени, направете го првиот чекор кон економска независност

Во тек е пријавувањето за првата програма во рамки на платформата „Diamond Mall – Центар за економско зајакнување на жените“. Оваа иницијатива, која компанијата ја реализира по повод својот трет роденден, ќе им понуди на избраните учеснички сеопфатна поддршка во стекнувањето нови знаења и практични вештини, преку менторство и психолошка и правна помош, како и конкретни насоки за развој на нивните професионални и претприемачки идеи.

Иницијативата е наменета пред сè за жени кои сакаат да направат чекор кон поголема економска независност и професионален развој, особено за самохрани мајки, невработени, жени со ниски приходи или без работно искуство, како и од други ранливи категории. Програмата ќе им овозможи знаења и вештини за вработување, развој на сопствена идеја или почнување и унапредување на мал бизнис.

За учество, кандидатките треба да поднесат апликација со својата лична приказна, визија за иднината и идејата што сакаат да ја развиваат, со краток опис на секторот и бизнисот и основна буџетска рамка. Тоа може да биде бизнис кој веќе постои, идеја за нов производ или иницијатива што сакаат да ја претворат во извор на приходи.

Пријавувањето ќе трае до 1 септември, а по неговото завршување, жири составено од претставници на Limak, партнери на компанијата и универзитетски професори ќе ги разгледа апликациите и ќе избере 20 учеснички. Клучни за избор ќе бидат мотивацијата и личната посветеност на кандидатките, нивната економска состојба, како и можноста програмата да помогне за позитивна промена во нивниот и животот на нивните семејства.

Избраните учеснички ќе бидат дел од повеќенеделна програма за развој на дигитални, финансиски, комуникациски и професионални вештини. Темите ќе опфатат маркетинг, креирање содржина, управување со финансии, тимска работа, преговарање и разрешување конфликти, вештачка интелигенција, како и подготовка за пазарот на трудот, а обуките ќе ги реализираат Јана Тодоровска и Александар Чамински од Brainster Group.

Посебен сегмент ќе биде посветен на занаетчиските и услужните дејности, преку обуката „Од рачна изработка до успешен пласман на пазарот“, во соработка со платформата Esnaf. Учесничките ќе научат како да ги препознаат пазарните можности и потреби, да ги надминат најчестите предизвици и да развијат уникатен производ со јасна вредност за купувачот. Програмата ќе заврши со презентациски ден, на кој жените ќе ги претстават своите идеи и резултати, по што ќе им бидат доделени сертификати.

Во програмата е вклучена и психолошка поддршка, преку групно советување со психологот Деспина Стојановска. Учесничките ќе работат на градење самодоверба, препознавање на сопствените способности и потенцијал, справување со стрес и животни предизвици, развој на комуникациски вештини и поставување здрави лични граници. Психолошкиот дел е изграден околу пет значајни пораки: „Јас вредам“, „Јас можам“, „Не сум сама“, „Имам избор“ и „Имам иднина“, кои поттикнуваат самопочит, верба во сопствените способности, лична одговорност и мотивација. Правна помош и советување ќе обезбеди адвокатското друштво Поленак, со практични насоки за социјална заштита, старателство и алиментација, заштита од семејно насилство, договори за вработување и работнички права, како и при аплицирање за социјална помош и детски додаток. Ќе биде воспоставена и мрежа на жени менторки, преку која учесничките ќе добиваат редовно менторство за личен и професионален развој и следење на напредокот.

Како дел од платформата, ќе биде отворен и Diamond HUB – заеднички работен простор во рамки на трговскиот центар, создаден како безбедна средина за учење, работа, развој на идеи и професионално поврзување. Просторот ќе биде опремен со брз Wi-Fi, компјутери и основна канцелариска инфраструктура и ќе овозможи работа на CV-ја и бизнис-планови, онлајн активности, барање работа и професионално поврзување. Diamond HUB ќе биде достапен и за студентки и млади жени од ранливи категории.

Целокупната иницијатива ќе кулминира со прославата на третиот роденден на Diamond Mall на 21 октомври, кога ќе бидат презентирани клучните резултати од програмата и успешните приказни на учесничките. Сепак, поддршката за нив ќе продолжи и во декември, со Експо на производи и услуги во Diamond Mall, каде што жените кои ќе ја завршат програмата ќе можат пред јавноста да ги претстават и понудат своите производи и услуги, со можност за тестирање на пазарот, промоција и поголема видливост.

Со платформата, компанијата создава долгорочен простор за учење и нови можности. Сите заинтересирани можат да се пријават преку формуларот на веб-страницата на Diamond HUB (Формулар за пријавување — Diamond Hub) или со подигнување на апликацијата на инфо-пултот во Diamond Mall.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести