Гиновска: Контролите во ТИТАН Усје констатираa дека фабриката не загадува, покренати се четири кривични постапки за индустриски објекти

Државниот инспекторат за животна средина, спровел 1.700 контролни проверки на квалитетот на амбиенталниот воздух. Од нив, 839 биле рутински надзори, 532 вонредни, а 329 биле контролни инспекциски проверки. Во инспекциските постапки се констатирале 398 недоследности, покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки. На територијата на државата биле исконтролирани 55 индустриски објекти при што издадени се 20 решенија и три забрани за работа.

Оваа денеска го кажа директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска на прес-конференција во Владата.

Во однос на ТИТАН Усје рече дека во текот на 2025 година биле извршени шест инспекциски надзори, од кои две рутински, а четири вонредни, спроведени од различни државни инспектори.

Последните вонредни проверки се одржаала на 18. ноември 2025 година во 22 часот, со учество на инспектор за животна средина од Град Скопје, и на 18. декември 2025 година, со инспектор за животна средина од општина Кисела Вода.

„Како што беше констатирано, при сите спроведени надзори не се утврдени никакви недоследности во работењето на овој правен субјект“, изјави Гиновска.

Според податоците од Регистарот на Управата за животна средина, постојат 120 правни субјекти кои поседуваат активна А-интегрирана дозвола, од кои, на територијата на Град Скопје, околу 40.

„Сите издадени дозволи се уредно објавени од страна на МЖСПП на интернет страната и секој може да се запознае за работењето на секоја инсталација, што користи како енергенс, обврски и фреквенции на мерења за различни медиуми, се она што е пропишано од страна на Управата за животна средина која ги издава истите. 

Треба да нагласам дека инспекциската служба не е правосуден орган, не е полиција, не издава и одзема управни акти (дозволи, итн.), не врши вештачења или процени на штети, не врши мерења на бучава, воздух, вода итн., тоа е обврска и задача на акредитирани лаборатории за животна средина. Единствено инспекцијата има пред се превентивна дури на крај репресивна улога при инспекцискиот надзор над спроведувањето на законските одредби, односно условите во А-ИЕД и елаборатите за животна средина издадени од страна на Управата за животна средина“, додаде таа.

Гиновска истакна дека Државниот инспекторат за животна средина дејствува согласно годишниот план за работа, кој е одобрен од страна на министерот за животна средина и просторно планирање.

Таа нагласи дека инспекциските надзори ќе продолжат континуирано, а на секои 15 дена Државниот инспекторат доставува извештај до работната група, формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, која го следи спроведувањето на Акцискиот план.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести