Уставни измени до 10. февруари 2026, за идентитетски прашања да не се преговара: СДСМ презентираше предлог-резолуција за националните позиции за евроинтеграцискиот пат на Македонија

Опозициската СДСМ денеска претстави предлог-резолуција за утврдување на националните позиции во однос на евроинтеграцискиот пат на Македонија, која ја најавуваше подолго време.

Истата ја престави лидерот на партијата, Венко Филипче.

Предлог-резолуцијата за т.н. црвени линии за Македонија на нејзиниот европски пат се фокусира на два аспекти. Првиот се однесува на почитување на определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија (ЕУ), а вториот – дека земјава е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, со исполнување на уставните измени, без прифаќање нови барања од билатерален или идентитетски карактер.

Во истата исто така стои дека “сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат со билатерални разговори и инструменти меѓу двете држави, на еднаква основа без да се создаваат нови блокади во преговарачкиот процес“.

Во предлог-резолуцијата се предлагаат и датуми за спроведување на одредбите од резолуцијата поврзани со процесот на усвојување на уставните измени. Владата треба да ги разгледа амандманите од 2023 година за внесување на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот и да се изјасни дали останува на истиот текст или подготвува нов текст на уставните амандмани од 15 до 25. ноември 2025 година.

„Доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1. декември 2025 година. Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15. декември 2025 година. Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10. февруари 2026 година“, стои во предлог резолуцијата.

Истата предлага на денот на финалното гласање во Парламентот, Владата треба да испрати писмо до земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за исполнување на обврската за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи вообичаени за преговорите.

Во истото писмо Владата би ја повикала ЕК да организира Меѓувладина конференција помеѓу земјите членки на ЕУ и Македонија, на која би се донеле потребните одлуки за одблокирање на преговорите за отворање на првиот кластер – Темелни вредности, не подоцна од 15. февруари 2026 година.

Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести