На денешното рочиште за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес од страна на Основното јавно обвинителство меѓудругото прецизираа кога биле убиени. Ѓорчевска била убиена во временски период од 8.30-9.30 часот, а Жежовски околу 11 часот.
Таткото на Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за нејзиното грабнување останува во обвинението, посочи обвинителката Жаклина Трајковска, која денеска започна со завршните зборови на Обвинителството.
Тој е обвинет дека на групата предводена од првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо и дал информација за нејзиното движење.
Трајковска посочи и дека насилното одземање на основното право на живот, особено кај дете, не е само чин на суровост и бруталност, туку и директен напад врз човештвото, истакнувајќи дека ваквите злосторства заслужуваат не само правна, туку и длабока морална осуда.
-Немаат ли грам совест, ни човечност, ни родителско чувство. Сите четворица обвинети имаат и свои деца, на кои со грабнување и убивање сакале да им обезбедат удобен, пристоен живот, да им купат станови, да им прават свадби, да се веселат со најмилите, рече таа и посочи дека со изведените докази Обвинителството докажало дека обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар, односно дека Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев извршиле две убиства и две грабнувања, а Ѓорчевски едно кривично дело – грабнување.
Сите обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Завршниот збор на Обвинителство продолжува на 11. јуни, по што завршни зборови треба да даде и одбраната на обвинетите.