На 27. мај 2025 година, во просториите на компанијата Везе Шари во Тетово, се одржа значаен настан посветен на циркуларната економија, управувањето со отпад и развојот на зелените вештини, организиран од М6 Едукативниот центар во соработка со швајцарскиот проект „Образование за вработување“.
На настанот присуствуваа претставници од Швајцарската амбасада, Хелветас, М6 Едукативниот центар и претставници од компаниите членки во Одборот на Старатели на М6.
Учесниците имаа можност да ги разгледаат производствените капацитети на Везе Шари и Лецкер, каде што беа презентирани иновативни пристапи за интеграција на принципите на циркуларна економија во производството. Дополнително, беа демонстрирани и методи за управување со отпад кои овозможуваат искористување на обновливи извори на енергија.
Посебен акцент беше ставен на Електро Шари, првата биогасна термоелектрана во Македонија за производство на електрична енергија од нус-производи од животинско потекло и био отпад со капацитет од 1 мегават на час.

Везе Шари е препознаена како пример за компанија што ги користи бенефитите на циркуларната економија. Компанијата е посветена на изнаоѓање и примена на одржливи решенија кои го намалуваат влијанието врз животната средина, а притоа креираат додадена вредност преку иновативно управување на суровините.
„Кога работите со страст и посветеност и притоа не сте фокусирани само на профитот туку и на општествената одговорност и се грижите за развојот на заедницата, бизнисот природно расте. Така од мала компанија во 1999 сега сме лидери во циркуларна економија во земјата и не само што внимаваме на нашето управување со отпадот туку преку активностите обезбедуваме заштита на животната средина пошироко”, изјави Арбен Абдурахмани, сопственик на Везе Шари, Лецкер и Електро Шари.
Овие компании се водечки во производство на конзумни јајца, преработки и производи од говедско и пилешко месо и оперираат на неколку локации во целата држава.
Оваа посета е во рамки на партнерството за развој на кадри со Везе Шари, која инвестира во развојот на своите вработени преку обуки организирани во М6 Едукативниот центар. Преку стекнувањето зелени вештини и развојот на менаџерските способности, компанијата го подготвува својот кадар за новите предизвици на одржливото производство.

„Денешната посета на компанијата Везе Шари уште еднаш ја потврди важноста на инвестирањето во луѓето како највреден ресурс. Впечатокот од нивната посветеност кон развојот на кадрите, континуираната едукација и унапредувањето на вештините на младите професионалци е навистина инспиративен. Задоволни сме од досегашната соработка со Везе Шари, која претставува пример за тоа како компаниите во државата можат да создадат работна средина што поттикнува останување и раст на младите во земјата. Само преку вакви партнерства и визија може да се создаваат стабилни работни места, да се градат кариери и да се движи економијата напред. М6 останува посветен на поддршката на компании кои препознаваат вредност во знаењето и вложуваат во човечкиот капитал“, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ од М6 Едукативниот центар.
„Мило ни е што гледаме успешен пример на компанија која што користи практики за циркуларна економија и го користи отпадот како ресурс, истовремено инвестирајќи во градење на зелените и менаџерските вештини на своите вработени. Се надеваме дека многу други компании во земјава ќе се инспирираат од овој пример,“ изјави Михал Харари, заменик шеф на мисијата на Швајцарија и вршител на должност.
На настанот беа презентирани активностите и успесите на сите компании од страна на извршниот директор Абдулезел Догани.
Гостите се запознаа со детали од работењето од страна на Крсте Поповски и Халиме Реџепи, кои се одговорни за технолошките процеси во компанијата.
Настанот беше дополнет со дискусии во кои учесниците разменија идеи и искуства за унапредување на одржливите индустриски практики и развојот на кадарот во државата.