Владата на денешната седница, на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука, информираат од таму.
-Како што информиравме во текот на претходните денови, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии, велат од таму.
Државната ЕСМ минатата недела побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради секојдневните блокади на грчките земјоделци, што ја отежнува доставата на енергенти потребни за производство на електрична енергија и побара од Владата да се користат државните резерви.














