Во Хрватска во ново училиште ќе се изучува предметот Македонски јазик и култура

Во градот Света Недела кој се наоѓа во непосредна близина на Самобор свечено беше одбележан почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура.

Иницијативата за отворање на ова училиште беше граѓанска, а иницијатор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која веќе го предава истиот предмет во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво ,,Охридски бисер“ во Загреб.

Со поддршка од Заедницата на Македонците во Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од страна на Министерството за наука, образование и млади на Хрватска дојде до реализација и почнување на програмата.

-Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите кои ги имаат во своето училиште, што е само доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората можат да се случат убави и важни настани, велат претставници на македонската заедница во Хрватска. .

Во Хрватска, овој предмет го учат 108 ученици, во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек.

Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, но истиот го посетуваат и други ученици. Предметот е изборен и се внесува во свидетелствата. Со ова Хрватска се вбројува во редот на ретките земји кои овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.

– Како Македонци секогаш сме позитивно прифатени и взаемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери, истакнуваат претставници на македонската заедница во Хрватска. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести