Вселување во студентски дом трае повеќе од 12 часа, реагираат студентите

Универзитетското студентско собрание на УКИМ реагира на, како што велат, неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември.

„Најголеми гужви и проблеми се забележаа во студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“, каде што дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени.

Студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на нивниот престој во студентските домови,“ се вели во соопштението.

Студентите бараат отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием.

„Поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват. Присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите. Дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите,“ се додава во соопштението.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување, и апелираат институциите да развијат соработка со факултетите, кои можат да понудат стручна поддршка за дигитализација на системот.

Фото/Фејсбук-Студентски дом Гоце Делчев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести