Во Охрид официјално започна Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност 2025, во организација на Македонија2025, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во рамки на ова петто издание на кампот, учествуваат над 22 деца на возраст од 11 до 15 години, од кои дел се млади од Македонија, а дел се деца од македонската дијаспора – САД, Канада, Малта, Хрватска, Словенија и Франција. Посебно е значајно што дел од децата доаѓаат од социјално ранливи семејства, за кои учеството е обезбедено преку целосни стипендии.
Кампот има за цел преку интензивна еднонеделна програма да им овозможи на младите учесници да ги развиваат своите вештини во роботика, програмирање, кодирање и креативно размислување, но и да се поврзат со своите корени, културата и природната убавина на Македонија.
Програмата вклучува работилници со сертифицирани СТЕМ едукатори и ментори од реномирани партнери, како и посети на технолошки компании, креативни сесии, културни настани и спортски активности. Посебен фокус се става на интеркултурна размена, тимска соработка и градење на лидерски и социјални вештини.
На 18 јули, ќе се одржи официјална церемонија на доделување сертификати, на која учесниците ќе ги презентираат своите проекти, а сертификатите ќе ги врачи лично Претседателката Сиљановска-Давкова.
„Македонија2025 изразува благодарност до сите програмски партнери: Young Engineers Macedonia, Academy for Robotics and Innovation, СТЕМ роботика Кочани, Браинстер и iSource, како и Охридско Лето– нашиот партнер во промоција на македонската култура и традиција. Искрена благодарност и до нашите спонзори и поддржувачи (Триглав осигурување Македонија, Алкалоид, Костал, ИТ Лабс, Фруктал, Винчини и ФрутБар) кои помогнаа оваа програма да се реализира и оваа година, отворајќи врати за нови генерации млади технолошки лидери.
Во рамки на кампот, ќе бидат доделени и стипендии од национално ниво од Академијата за роботика и иновации и СТЕМ роботика Кочани, како и признанија за учество и извонредност на симулациите од FIRST LEGO League натпреварите,“ се вели во соопштението.