Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова имаше обраќање на Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН) во Њујорк, САД.
Освен за глобалните состојби, таа голем дел од својот говор посвети на македонската евроинтеграција.
-Геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан. Процесот на македонското пристапување кон Европската Унија (ЕУ) веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова, наметната промена на Уставот.
Уставот како lex superior и општествен договор меѓу граѓаните, во Русоова смисла на зборот, е највнатрешното прашање на секоја држава. Нашиот устав предвидува четири предлагачи на измени: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници и 150.000 граѓани. Јасно е дека овластен предлагач на амандмани не може да биде наш сосед, ниту Европската Унија.
Укажувам дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција.
Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Се согласувам, но напоменувам дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени.
Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?
По кој знае кој пат потенцираме дека себе си се перцепираме како европјани и длабоко веруваме во европскиот проект, којшто по Втората светска војна донесе мир и економски просперитет. Европскиот идеал останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Како држава посветена на добрососедството и на регионалната соработка не сакаме спорови со нашите соседи. Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни и посебни услови и со зачувано национално достоинство, рече таа.
Предупреди и дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко, туку е безбедносно прашање.
-Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијание на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив.
Зарем треба да се најдеме на дневниот ред на Советот за безбедност, за ЕУ да го деблокира нашето проширување? Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум.
Kако што укажа претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да ја заврши ре-унификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор, рече таа.
Видео од нејзиното цело обраќање ОВДЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што кажа Сиљановска Давкова за Палестина и Израел од говорницата во ОН
Фото: Кабинет на претседателката