На 3. август, во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, симболично во духот на Илинден, ќе започне патувачката изложба „Живеј со стил – поддржи различности“.
Ова е првата од серијата изложби низ осум градови во Македонија, во организација на Здружението Икуалити, која преку 32 портрети на лица со попреченост ќе раскаже моќна приказна за ширењето љубов преку славење на човековите вредности.
Серијата изложби е културен проект, поддржан од Министерството за култура и туризам, со мисија да ја промени перцепцијата на општеството за лицата со попреченост, кои од набљудувачи се преобразуваат во иницијатори на општествената интеграција, позитивните промени и високите човекови вредности.
По отворањето во Крушево, во периодот од август до октомври 2025 година, изложбата ќе ги посети и Гевгелија (НУ Музеј, 8 август), Ресен (Дом на култура „Драги Тозија“, 15 август), Велес (Народен Музеј, 24 септември), Крива Паланка (Градски Музеј, 7 октомври), Свети Николе (ОУ Народен Музеј, 15 октомври), Виница (Дом на култура „Тошо Арсов“, 30 октомври), завршувајќи во Делчево (НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, 7 ноември).
Изложбата се состои од 32 портрети на лица со попреченост, секој со уникатни способности, порака и животна мисија. Низ креативна визуелна приказна за вистинската сила, достоинството и човечноста, нашите браќа, сестри, пријатели или соседи од пред објективот ќе се обраќаат многу директно, рушејќи ги меѓучовечките ѕидови, разбивајќи табуа и испраќајќи силна порака за општество кое има потенцијал да живее хармонично, инклузивно, свесно.
Целта на проектот е надминување и јакнење на културната интеграција меѓу различни општествени групи, вон главниот град, токму во помалите градови, ширум цела земја.
Здружението Икуалити, како носител на проектот, поставува безкомпромисен стандард за афирмација и промоција на рамноправното учество во културниот и општествениот живот во Македонија.
Промотивна објава